Несовесно е повикувањето од страна на Независната угостителска комора (НУК) да се затворат сите угостителски објекти на две недели, оценува Синдикатот за угостителство и туризам (СУТ) при КСС.

-Свесни сме за здравствената состојба во нашата држава и за сите протоколи и мерки кои се наложуваат да бидат воведени во угостителските објекти, но никако не се согласуваме со недефинираните предлози од страна на НУК за затворање на угостителските објекти без да се знае што ќе биде со работниците на тие објекти. Сметаме дека мерките од владата се премногу строги и не се согласуваме со дополнителни мерки за намалување на бројот на гостите како и други мерки кои се на штета на угостителството, наведува Синдикатот во реакцијата.

СУТ бара од Владата да усвои мерки за поддршка на угостителството и туризмот за да се намалат последиците од корона вирусот, а не да ја отежнуваат и онака тешката состојбата на угостителството со тековните протоколи кои придонесоа за енормно намалување на гостите во објектите а со тоа и губење на многу работни места.

-Сакаме воедно да испратиме порака до Владата – прашајте се за работниците во угостителството и туризмот, како тие опстојуваат, дополнува Синдикатот за угостителство и туризам.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/10/2020 22:42