Енергетските компании се подготвени за зимскиот период кој следува, производството на електрична енергија е стабилно, испораката е сигурна, а компаниите се соодветно екипирани согласно препораките од Министерството за здравство, е заклучокот од координативна средба што се одржа на иницијатива на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) со енергетските компании ЕСМ, МЕПСО и ЕВН.

-Изминатите месеци и во време на пандемија и вонредна состојба енергетските компании функционираа координирано и синхронизирано со што енергетскиот систем остана стабилен. Ова стекнато искуството е подготовка за зимскиот период кој следува. На состанокот ЕСМ информираше дека производството на електрична енергија е стабилно. ЕВН ја гарантира сигурноста на испорака на електрична енергија и брзо отклонување на дефектите, изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

Тој посочи дека Универзалниот снабдувач односно ЕВН Хоме не смее да ги исклучува од системот за електрична енергија ранливите потрошувачи во месеците декември, јануари и февруари поради неплатени фактури за испорачана електрична енергија.

-Ранливиот потрошувач има можност за одложено плаќање или плаќање на минимум шест еднакви рати доколку има доспеан долг. Исто така, ранливиот потрошувач кој е заведен во евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика има право од ЕВН Хоме ДОО Скопје да бара да биде ослободен од обврска за плаќање на надоместок за повторно приклучување, како и бесплатно да му се направи вонредна верификација на мерната опрема, посочи Бислимоски.

Согласно Законот за енергетика, додаде, сите потрошувачи имаат право и можат да се жалат и да добијат надоместок за штета поради прекини во испораката на енергија со послаб квалитет од пропишаниот.

-Во Правилникот за определување на надоместок на штета има сет на мерки за заштита на ранливите потрошувачи при што е предвиден приоритетен третман на барањата кои ги поднесуваат ранливите потрошувачи за надоместок од претрпена штета поради несоодветен напон,потенцира Бислимоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/10/2020 13:47