Одделението за внатрешни работи од Македонски Брод приведе повеќе лица за незаконски лов. Од Министерството за внатрешни работи попладнево информираа дека по претходно добиени оперативни сознанија и врз основа на судска наредба, денеска во периодот од 6 до 11 часот извршен е претрес во домовите и помошните простории на лицата И.Б.(65), М.Б.(37), С.Б.(33) во село Долно Крушје.
При претресот, како што соопшти МВР, биле пронајдени и одземени поголема количина месо од уловен дивеч, еден ловен карабин калибар 7.9 мм, една ловечка пушка едноцевна Руска, една ловечка пушка букерица ИЖ 27 ЕМ Риска калибар 12 мм., 130 парчиња муниција 7.9 мм х57, 13 парчиња муниција 8х57, две парчиња муниција 7.9х57, осум парчиња муниција 7,62х51 и 14 патрони за ловечка пушка калибар 16 мм.
Од МВР информираат дека врз основа на судска наредба бил извршен претрес и во домот и помошните простории на лицето Б.Б.(80), а се во владение на неговиот син Д.Б.(53) во село Долно Крушје каде биле пронајдени и одземени ловечка пушка двоцевна Руска калибар 16, поголема количина месо од уловен дивеч и 42 парчиња патрони за ловечка пушка калибар 16 мм.
Од слобода биле лишени М.Б.(37) и С.Б.(33) и биле задржани во Одделението за внатрешни работи Македонски Брод.
Од МВР соопштија дека по целосно документирање на случајот против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави.