Народната банка од овој месец почнува со подетални прегледи со податоци за состојбата на вложувања на резидентите во странски хартии од вредност. Тоа е во насока на подобрување и проширување на статистичките податоци и нивно усогласување со меѓународните статистички стандарди.
Од Народната банка во соопштение наведуваат дека во досегашните статистички прегледи за портфолио-инвестициите на нашите резиденти во странство беа опфатени неколку димензии на вкупните, сопственичките и должничките хартии од вредност – приказ врз основа на земјата во која се инвестира, врз основа на оригиналната валута (за вкупните вложувања), врз основа на секторот на домашниот инвеститор, како и врз основа на рочната структура на должничките хартии од вредност.
Во новите прегледи, како што појаснуваат, податоците за вложувањата во странски хартии од вредност ќе бидат прикажани врз основа на неколку вкрстени димензии. Имено, со новите прегледи ќе се овозможи вкрстено прикажување на податоците за портфолио-инвестициите според институционалниот сектор и земјата на издавачот на странската хартија од вредност, како и според институционалниот сектор на домашниот инвеститор и институционалниот сектор на издавачот на странската хартија од вредност, за одредена група земји.
Со вкрстеното прикажување на податоците според наведените обележја, сметаат од НБ, значително се зголемува аналитичката вредност на објавените податоци за портфолио-инвестициите – средства во рамките на извештајот за меѓународна инвестициска позиција. Воедно, новите прегледи ќе се доставуваат и до Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), во рамките на истражувањето за портфолио-инвестиции (КППИ), како дел од статистичкиот стандард СДДС плус.
Доставувањето на овие податоци од страна на носителите на статистички истражувања до Меѓународниот монетарен фонд е доброволно. Оттука, истакнуваат, одлуката и подготвеноста на Народната банка да ги доставува и овие податоци во рамките на највисокиот статистички стандард на ММФ е уште една потврда на нејзините постојани напори за целосно исполнување на највисоките статистички стандарди.
Во согласност со календарот на објавување податоци, овие податоци ќе се објавуваат на редовна полугодишна основа и ќе бидат достапни преку статистичкиот веб-портал на Народната банка „НБСтат“.
Проширениот сет расположливи статистички податоци за портфолио-инвестициите, со податоци со состојба за 30 јуни 2020 година, веќе е објавен на веб-порталот „НБСтат“