Македонија е умерено подготвена во областа на енергијата, постигнат е добар напредок, особено преку усвојување на законодавството за спроведување на третиот енергетски пакет. Во наредната година, треба да го заврши раздвојувањето на операторот на системот за пренос на гас, да го зголеми техничкиот и инженерскиот персонал на Секторот за енергетика во Министерството за економија и Агенцијата за енергетика, како и да го усвои и спроведе законот за енергетска ефикасност.
Ова се главните препораки од Европската комисија во извештајот за напредокот на земјава во 15-тото поглавје Енергија и енергетска политика.
-Законот за енергетика е целосно усогласен со Директивата на ЕУ за енергетика за обновливи извори, по усвојувањето на неколку подзаконски акти за спроведување на правилата за обновлива енергија. Понудените тарифи остануваат на сила, а премиите се воведени во рамките на шемата за поддршка на соларните централи. Во 2019 година се одржаа првите аукции за 62 мегавати соларна централа. Градењето на малите хидроцентрали не е систематско или транспарентно. Одредбите за одржливост на биогоривата се уште не се усогласени со законодавството на ЕУ, а инвестициите во хидроцентрали треба да се усогласат со законодавство на ЕУ за животната средина, стои во извештајот на ЕК во делот за Енергија.
Изменетиот национален акциски план за обновлива енергија, се додава, има за цел да ја исполни ревидираната обврзувачка цел до 2020 година 23 отсто од енергијата да доаѓа од обновливи извори на енергија, а 24 отсто до 2025 година. Во 2018 година се констатира, само 18,12 отсто од енергијата беше произведна од обновливи извори на енергија.
-На внатрешниот пазар на енергија, постигнат е добар напредок во понатамошното усогласување на земјата со третиот енергетски пакет на ЕУ за гас и електрична енергија. Пазарите на електрична енергија и гас се отворени за конкуренција и земјата е на добар пат да го донесе соодветното законодавство. Операторот на системот за пренос на електрична енергија го заврши раздвојувањето на сопственоста и е овластен. Операторот на системот за пренос на гас не е одделен, како што налага третиот енергетски пакет, поради постојаниот спор за сопственоста на гасоводот за пренос на гас, што треба да се реши наскоро. Регулаторната комисија за енергетика работи, но нејзината независност е попречена од политичко мешање, се вели во извештајот на ЕК .
Се потсетува дека е во тек изградбата на новата 400 киловолтна интерконективна линија за пренос на електрична енергија со Албанија и дека се преземаат мерки за обезбедување средства за изградба на гасните интерконекции со Грција и Србија, а во тек е и подготовката на физибилити студија за интерконективната линија со Косово. Операторот на системот за пренос на електрична енергија, се посочува, учествува во регионалната канцеларија за аукции во Југоисточна Европа, а во исчекување е воспоставување дневен пазар на електрична енергија со Бугарија.
-Регулаторната комисија за енергетика ги одобри новите пазарни правила. Во октомври 2019 година, Владата усвои декрет за работа на операторот на организиран пазар и го назначи МЕМО за организиран оператор на пазарот на електрична енергија. Новиот механизам за балансирање е целосно ориентиран кон пазарот. Пазарот на мало беше либерализиран на 1 јули 2019 година. Универзалното снабдување и снабдување во краен случај ги врши добавувачот избран преку конкурентни процедури, констатира ЕК.
Пристапот на трети страни до природен гас е во согласност со законодавството на ЕУ, но треба да се подобри транспарентноста. Во тек се работи за изградба на гасоводот за пренос на гас помеѓу Неготино и Битола и од Скопје до Гостивар со крак за Тетово.
-Донесена е националната стратегија за енергија до 2040 година, која ги рефлектира приоритетите на енергетската и климатската политика на ЕУ и целите од 2030 година, како и интегрираната стратегија за енергетика и клима, констатираат во извештајот.
РЕК Битола Препорачуваат итно да се реши снабдувањето, односно достапноста на јаглен за РЕК Битола, вклучително и со инвестирање во нови ресурси.
-Влегувањето во сила на Законот за задолжителни резерви на нафта е повторно одложено, овој пат до 2021 година. Залихите на нафта одговараат на 74 дена просечна дневна потрошувачка, но методот за нивно пресметување е несоодветен. Усвојувањето на законодавството и акциските планови за спроведување што се во согласност со Директивата за залихи на нафта, исто така, беше одложено. Нафтената индустрија се компензира за задржување итни резерви на нафта, стои во извештајот на ЕК за напредокот на земјава во делот за Енергија и енергетска политика.