За 2021 година обезбедивме 1.440 годишни дозволи за возила со „Евро 6 стандард“ и 2.280 месечни дозволи за возила со „Евро 5 стандард“. Електронското пријавување за ЦЕМТ дозволите е од 13 до 15 овој месец, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на денешната средба со „СИЗ Македонија сообраќај АМЕРИТ“, која се одржа во Радовиш.

-Продолжува нашиот партнерски однос и понатаму сме договорени да формираме работни групи преку кои ќе се дојде до најважните и клучни законски исчекори кои ги донесеме со цел подобро да функционираат транспортерите, рече Бочварски.

На средбата се разговараше за активностите кои Владата и Министерството за транспорт и врски ги преземаат со цел да ги поддржат транспортните компании и да се овозможи стабилност на работните места.

Министерот Бочварски подвлече дека Министерството за транспорт и врски презеде низа активности во насока на надминување на предизвици кои настанаа како резултат на Ковид-кризата.

-Во рамките на четвртиот сет економски мерки продолжуваме со поддршката за исплата на плати, која важи и за последниот квартал од годината, односно за месеците октомври, ноември и декември. Новост во оваа мерка е што поддршката ќе биде одредена скалесто согласно падот на приходите кај компаниите. Колку е поголем падот на приходите опфатени со оваа мерка, толку поголема ќе биде поддршката од државата за исплата на платите и таа ќе се движи од досегашните 14.500 до 21.776 денари. Поконкретно, од 30% до 40% намален приход финансиската поддршка ќе изнесува 14.500 денари, од 40% до 50% намален приход 15.955 денари поддршка, од 50% до 60% намален приход – 17.410 денари поддршка, од 60% до 70% намален приход 18.865 денари поддршка, од 70% до 80% намален приход 20.320 денари поддршка и за над 80% намален приход финансиската поддршка ќе изнесува 21.776 денари. Исто така, како дел од сетот економски мерки кои чекаме да бидат изгласани во Собрание, Министерството за транспорт и врски предлага да се изврши пролонгирање на важноста на лиценците за плус една година, со што ќе бидат опфатени 7000 транспортери на кои ќе им се продолжи лиценцата за работа дополнително за една година, без надомест,изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Министерот Бочварски нагласи и дека по консултации и разговори со здруженијата на транспортери извршена е измена на Уредбата која го решава моментот на нераспределени годишни дозволи и истата во моментов е во владина процедура.

На крај, министерот Благој Бочварски додаде дека ресорното министерство и Владата остануваат целосно транспарентни и отворени за соработка со транспортните компании и најави дека во наредниот период ќе бидат преземени дополнителни активности во насока на јакнење на транспортната дејност во нашата држава



Автор: Администратор
Објавено на: 10/10/2020 00:58