Четвртиот пакет на мерки ќе го амортизира ударот од КОВИД-кризата. Мерките кои имаат буџетски импликации, како финансиската поддршка за исплата на плати, ќе почнат да се спроведуваат со усвојувањето на ребалансот на буџетот, со кој се обезбедуваат средства за нив, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими.

– Мерките се наменети за овие три месеци од 2020 година и штом помине ребалансот, средствата ќе бидат обезбедени, тогаш ќе може да се спроведе постапката. Со ефектот што го очекуваме од овие мерки, на страната на личната потрошувачка на страната на јавните инвестиции и воопшто врз економската активност дека тој пад ќе се ублажи до 4,4 отсто, ја пренесува Министерството за финансии објавата на Бесими на Фејсбук.

Министерот посочува дека скоро сите економии во светот го зголемуваат буџетскиот дефицит за да вбризгаат пари во економијата и за да ја стимулираат економската активност.

– Ако ги гледате сите буџети на сите и поразвиените земји и најразвиените земји, има зголемување на дефицитот, затоа што мора да се влијае и на страната на понудата и на страната на потрошувачката. Таква е кризата, од тип е кризата, што сите мора да ги координираат мерките и на една страна и на друга страна. Изворот на кризата е неекономски. И со административна забрана во првата фаза беше прекинат целиот процес, синџир на производство и од друга страна се намали побарувачката, од други аспекти бидејќи беше ограничено движењето. Имате наеднаш пад на економската активност и на побарувачката и на понудата. Сега треба да се врати тоа на повисоко ниво за да може економијата да работи, додава Бесими.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/10/2020 14:44