Заокружување на патната и железничката инфраструктура на Коридорот VIII и Коридорот X, изградба на магистрални гасоводи и инвестиции во системи за управување со цврст отпад, се клучните приоритети што ќе се реализираат со финансиска поддршка на ЕБОР. Ова, како што соопшти Министерството за финансии, е истакнато на средбата помеѓу министерот за финансии, Фатмир Бесими и регионалниот директор на банката за Западен Балкан, Жужана Хaргитаи.
– Потребни ни се проекти што ќе го придвижат економскиот раст. Со изградбата на автопатот Скопје – Блаце и автопатската делница Кичево – Гостивар, ќе се заокружи патниот Коридор VIII и патниот Коридор X. Меѓу идните проекти финансирани од ЕБОР се и рехабилитацијата на источниот дел од железничката пруга на Коридор VIII како и реконструкција на железничката линија Скопје – Кичево, а во енергетскиот дел магистралните гасоводи делницата Гостивар – Кичево и делницата Свети Николе – Велес, како и интерконективниот гасовод меѓу Македонија и Косово. Овие проекти ни се приоритетни и мора да се реализираат, истакна министерот Бесими.
Директорката Хaргитаи рече дека мора да има приоритизација на проектите и оти тие мора да се спроведат брзо.
Таа нагласи дека им е важно да се реализираат започнатите инвестиции во патната, железничката и енергетската инфраструктура, да се направи приоритизацијата на нови инфраструктурни проекти и приватниот сектор да се вклучи во инфраструктурниот развој