Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против едно лице за продолжено кривично дело – тешка кражба. Во периодот од март до октомври, обвинетиот во четири наврати сторил временски поврзани дејствија кои претставуваат повеќекратно сторување на истото кривично дело.

Како што соопшти Јавното обвинителство, на 12 март во храмот Рождество на Пресвета Богородица во Скопје, со провалување во затворени простории, обвинетиот одзел 15 илјади денари од продавницата за свеќи.

На 8 јули, заедно со друго непознато лице, пресретнале еден оштетен во Градскиот трговски центар и му побарале пари. Кога оштетениот им дал пари, а остатокот го вратил во џебот, обвинетиот го фатил за раката и му ги одзел и преостанатите илјада денари.

На 24 септември, на Зелен пазар, обвинетиот се обидел на дрзок начин да одземе предмет – златен ланец. Заедно со уште едно непознато лице на оштетената и пришле од зад грб, започнале да ја тегнат за вратот и блузата со намера да и го земат ланчето, но таа успеала да ги оттргне.

На 5 октомври во маркет на булеварот „Партизански одреди“ обвинетиот се обидел да одземе пари од дневниот промет. Кога влегол во маркетот ја забележал вработената како реди роба на еден од рафтовите, а тој се упатил кон касата за да ги земе парите. При обидот бил забележан од вработената, која започнала да вика, па обвинетиот го напуштил маркетот без да ја реализира намерата.

Надлежниот јавен обвинител до судот достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице поради опасност тој да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон.​



Автор: Администратор
Објавено на: 13/10/2020 22:50