За изградба на железницата има пари, тие не се кратат и ќе се стават на сметката на Буџетот во моментот кога ќе имаме изведувач, кој ќе почне да ја реализира повторно изградбата на првата делница од Куманово до Бељаковце, изјави денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, одговарајќи на новинарско прашање.

Изведувачот на првата делница, потсети, еднострано се повлече од проектот и веќе се води постапка пред Судот за арбитража.

– Државата веќе има платено пенали заради тоа што смета дека неправедно е напуштена трасата и делницата. Кога ќе заврши процесот на арбитража ќе се знае кој притоа прекршил или не прекршил одредени договорни обврски, од едната страна државата, а од другата страна изведувачот. Во меѓувреме на седница на Влада разговаравме за обновување на целата постапка која што ќе биде почната со нова тендерска постапка и спојување на првата и втората делница од изградбата на Коридорот 8, а притоа веќе е готова и проектната документација за третата делница со спојката од Крива Паланка до границата со Бугарија која што е најобемна по сума на чинење. По завршување на овие постапки секако за наредната година ќе имаме средства за таа работа и за тој проект и ќе продолжи реализацијата, рече Бочварски.

Нема потреба, укажа, парите да останат во наменската ставка од Буџетот во ситуација кога се знае дека во октомври и ноември нема изведувач на терен.

– Пари има, не е точно дека се кратат пари за железницата, точно е дека пари има и ќе се стават на сметката на буџетот во моментот кога ќе имаме изведувачи кога ќе почне да ја реализира оваа делница што е исклучително важна. Ќе продолжиме со сериозни изведувачи кои ќе работат на реализација на проектите, а не со изведувачи коишто ќе ни прават застој на одредени делници. Средства имаме и ќе ги употребиме, истакна министерот за транспорт.

Тој најави дека пругата Битола-Кременица ќе биде пуштена наскоро по завршување на сите технички постапки и техничкиот прием, а како што посочи, се вршат ремонти на пругата на Коридорот 10.

-Ќе работиме и понатаму на подобрување на квалитетот на инфраструктурата во делот на железниците, каде товарниот транспорт го има најголемиот колач со околу 90 проценти, а само околу 10 проценти е патничкиот превоз. Мораме да продолжиме со реконструкција и со рехабилитација на пругите, а секако и со изградба на новите коишто се значајни за поврзување со нашите соседни земји како регионален пристап преку којшто ќе придонесеме за развој на целиот регион, изјави Бочварски.

Во однос на приватизацијата на Железници Транспорт потсети дека тоа е прашање што се дискутира одамна и оти за него ќе расправа и одлучува Владата. – Тоа е сериозно прашање, мора да размислуваме на сите теми, дали тоа ќе биде приватизација или одредена друга постапка што ќе треба да се преземена во насока на подобрувањње на квалитетот на Железници Транспорт, изјави Бочаврски.

Според него, капиталните инвестиции ќе бележат раст во идниот период.

-Во однос на капиталните инвестиции кажавме дека целата оваа година бевме погодени од една страна од кризата од друга страна од намалувањето на капацитетите на институциите, на компаниите, неможноста да се работи во сериозен обем, но од друга страна се уште сме во 2020 година и не е дојден 31.12 .2020 година кога конечно ќе го имаме процентот на реализацијата на капиталните инвестиции. Допрва доаѓаат и фактурите и времените ситуации од градежните компании коишто треба да бидат исплатени за со цел на крајот да имаме конечна слика колкави се капиталните инвестиции годинава, изјави Бочварски.

Состојбата ја подобрува, како што вели, и завршувањето на мерката за работа од дома и за отсуство од работа на вработени со деца до 10 години во институциите и компаниите поради пандемијата.

-Мерката веќе не важи и сите ги чуствуваме придобивките од тоа дека нашите капацитети, нашите луѓе се на работа, тоа ќе се почувствува во ова разлабавување на постапките, побрзи одобренија за градење, веќе ги издаваме… Така што, капиталните инвестиции ќе бележат раст во идниот период бидејќи пандемијата нема да трае вечно, но мораме да си ги подобриме капацитетите и подготвени да продолжиме во едно понормално време и помирни води, изјави министерот за транспорт по средбата со претседателот на Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/10/2020 22:50