Во Собранието утре почнува расправата по ребалансот на Буџетот за 2020 година, што Владата го усвои на седница на 6-ти овој месец. Ова е втор ребаланс годинава поради спарување со последиите до кроронакризата, а целта е реализација на мерките од четвртиот пакет. Предлог-ребалансот на Владата е утре на дневен ред во матичната Комисија за финасирање и буџет, а според деловникот трае 10 дена.

Приходите со новиот ребаланс се пониски за 0,2 отсто во однос на првиот ребаланс, расходите се повисоки за 4,2 отсто, а дефицитот е зголемен за 22,6 отсто во однос на првиот ребаланс и потребен за финансирање на мерките.

Вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година се планирани на ниво од 196,4 милијарди денари и се на речиси идентично ниво во однос на планот, имајќи предвид дека со претходните измени и дополнувања на Буџетот истите беа планирани на реално ниво односно пониски за 11,5 отсто во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Во структурата на вкупните приходи, даночните приходи учествуваат со 55,6 отсто и се планирани на ниво од 109,2 милијарди денари. Придонесите од социјално осигурување како изворни приходи на фондовите се планирани во износ од 65 милијарди денари или за 2,6 отсто повисоко во однос на планот за 2020 година. Останатите приходи – неданочни, капитални и странски донации се планирани на ниво од 22,1 милијарди денари.

Вкупните расходи се планирани на ниво од 253 милијарди денари или за 4,2 отсто, односно за 10,1 милијарди денари повеќе.

Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е позициониран во износ од 56,6 милијарди денари, односно 8,4 отсто од БДП.

– Со овој ребаланс се овозможува спроведувањето на четвртиот пакет антикризни мерки, кој има за цел да обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, да помогне одредени погодени дејности, да обезбеди стабилност на социјалните трансфери и да обезбеди политики кои ќе помогнат во спроведување брза излезна стратегија, за кога ќе заврши кризата да продолжиме со позитивните трендови на новата развојна македонска економија, оцени министерот за финансии Фатмир Бесими при претставувањето на усвоениот ребаланс од страна на Владата.

Расходите за исплата на платите се проектирани на 30,2 милијарди денари односно на исто ниво во однос на планот. Расходите за стоки и услуги се планирани во износ од 17,8 милијарди денари или за 1 милијарди денари помалку во однос на планот за 2020 година. Тековните трансфери се планирани на ниво од 178,4 милијарди денари или за околу 12.3 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2020 година, а се однесуваат пред се на преземените мерки за обезбедување средства за имплементација на економските мерки донесени од страна на Владата за справување со кризата предизвикана од пандемијата на КОВИД-19, а кои ќе имаат директен импакт врз реалната економија и ќе претставуваат директен поттик за приватната потрошувачка.

За средствата кои се обезбедени со реалокација се опфатени сите институции по принципот да се скрати се што не е поврзано со основната дејност и не ја нарушува основната дејност на институцијата, како и во делот на капиталните расходи, каде е скратено она што очигледно нема да се реализира до крајот на годината.

Во новиот ребаланс, како што појасни Бесими, средства се распределени за финансиска поддршка за исплата на плата на вработени во приватниот сектор со надоместок во интервалот од 14500 до 21776 денари, во компании кои имаат поголем пад на приходите како последица на пандемијата, 4,3 милијарди денари или 70 милиони евра за домашна платежна картичка за ранливи категории погодени од КОВИД-19 за плаќање на домашни производи и услуги кај погодениите сектори, 1,6 милијарди денари или 27 милиони евра за поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје, наливно вино и вино во шишиња, 412 милиони денари или 6,7 милиони евра за поддршка на туристички водичи регистрирани како самостојни вршители на дејност, 9,8 милиони денари или 160.000 евра за враќање на туристичка такса за 2019 година, за остварени ноќевања – 120 милиони денари или два милиони евра, за македонски викенд шопинг со МојДДВ, при што за граѓаните кои се регистрирани на апликацијата МојДДВ ќе се врши поврат на целиот износ на ДДВ за купени домашни производи и услуги и компјутерска опрема за промет до 30.000 денари, милијарда денари или 17 милиони евра за државна гарантна шема и Царинска гаранција преку Развојната банка, со што се нуди дополнителна можност за полесен пристап до финансиски средства за поддршка на приватниот сектор, преку преземање на дел од кредитниот ризик, 799 милиони денари или 13 милиони евра за грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби – 330 милиони денари или 5,5 милиони евра.

Со ребалансот капиталните расходи се планирани на ниво од 18,4 милијарди денари или 1,2 милијарди денари пониски во однос на планот за 2020 година, а се резултат на забавени економски активности, пролонгирање на инвестициони вложувања заради изборните дејствија, како и мерки за воздржување од набавки на мебел, опрема и возила, кои суштински и директно не се поврзани со справување со здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19. Притоа, капиталните расходи на основниот буџет се на исто ниво.

Министерот за финансии увери дека финансирањето е обезбедено и дека сите обврски ќе се реализираат согласно планираното, а преку реализацијата на предвидените мерки од четвртиот пакет ќе се придонесе за подобрување на вкупниот економски резултат, односно амортизирање на социо-економскиот удар од пандемијата, додека следната година се очекува заздравување на економијата со економски раст и постепена фискална консолидација.

– Буџетот ќе се финансира на стабилна основа и сите обврски ќе се финансираат стабилно кон сите. За се што е потребно се обезбедени извори на средства, рече министерот.

Тој потенцира дека ќе нема потреба од надворешно задолжување, туку дека потребните средства ќе се обезбедат од дома, а јавниот долг на крајот на годината се проценува на 59,5 отсто од БДП.

Министерот за финансии Фатмир Бесими очекува брзо усвојување од страна на Парламентот за што побрзо започнување со четвртиот сет мерки за помош на граѓаните, компаниите и целата економија.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/10/2020 13:20