Во следниот период ќе се работи на подобрување на планирањето, алокацијата и имплементацијата на јавните инвестиции со поддршка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), како и Европската унија и Светска банка. Во Министерството за финансии веќе се изготвува Акциски план за оваа намена. Ова беше истакнато на средбата помеѓу министерот за финансии Фатмир Бесими и гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска и тимовите од Министертвото за финансии и Народната банка, со тимот на ММФ од Одделот за фискални работи. Оваа средба е во рамки на Годишните состаноци на ММФ и Светска банка, кои започнаа неделава, а кои поради состојбата со Ковид, се одржуваат годинава он-лајн.

На средбата беше посочено дека тимот од Одделот за фискални работи на ММФ, годинава извршил скрининг на состојбите поврзани со јавните инвестиции во рамки на ПИМА-мисијата и дека дал препораки како да се подобрат фазите на инвестицискиот циклус, односно планирање, алокација и имплементирање на инвестициите. Министерството за финансии веќе изработува Акциски план за подобрување на јавните инвестиции, кој набргу ќе го достави до Владата. Инаку, Министерството за финансии планира формирање нова организациона единица задолжена за јавните инвестиции.

Министерот за финансии Фатмир Бесими на средбата ја истакна својата заложба за спроведување на концептот на СМАРТ финансии, односно за спроведување на јавни финансии кои ќе се водат стратешки, кои ќе го мерат остварувањето и ќе бидат одговорни и транспарентни. Реформите кои ќе се прават во наредниот период се во насока на реализација на овој концепт.

Во контекст на ова, беше посочено и дека е изготвен и новиот Закон за буџети, кој превидува среднорочно планирање и зајакнување на програмското буџетирање, а со тоа и подобрување на управувањето на капиталните инвестиции. Истиот е поставен за јавна дискусија на ЕНЕР. Исто така, управувањето со капиталните инвестиции ќе биде дел од Интегрираниот информациски систем за управување со финансиите, кој е дел од Законот за буџети.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/10/2020 02:12