Владата на Република Македонија на синоќешната седница ја разгледа и усвои Информацијата за воспоставување на бескаматна кредитна линија со грант компонента наменета за микро и мали претпријатија погодени од КОВИД-19 (Ковид 3), и го задолжи Министерството за финансии, во име на Владата да потпише договор за администрирање на средствата со Развојна банка на Македонија АД Скопје, соопшти владината прес-служба.

Во врска со оваа точка Владата го задолжи Министерството за економија да достави Предлог-одлука за префрлање на средствата од програма П1 во вкупен износ од 60.000.000 денари на посебна сметка на Развојната банка на Македонија АД Скопје како буџетски придонес во реализација на мерката, по што банката треба да ги преземе сите активности неопходни за операционализација на мерката и воспоставување на третата бескаматна кредитна линија за поддршка на микро и мали претпријатија.

Владата го задолжи Министерството за финансии, во соработка со Секретаријатот за европски прашања, да ја известат Делегацијата на ЕУ во земјата дека мерката е усвоена од Владата на Република Македонија и дека Министерството за финансии, Министерството за економија и Развојна банка на Македонија АД Скопје преземаат активности за операционализација на истата

Финансиските средства за бескаматна кредитна линија со грант компонента наменета за микро и мали претпријатија погодени од КОВИД-19 (Ковид 3) се повлечени од 50-те милиони евра награда за успешност заради целокупниот напредок во процесот на Европска интеграција на Македонија, за кои Владата со официјален допис се обрати до Европската комисија дека овие средства ќе се користат за опоравување на земјата од последиците предизвикани од пандемијата со КОВИД-19.

Работата на 12-та редовна седница на Владата ќе продолжи денеска со разгледување и одобрување на пристигнатите барања за склучување на Договор за доделување на финансиска поддршка на инвестициите пристигнати преку Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/10/2020 10:19