Со ребалансот на буџетот се овозможува спроведување на четвртиот пакет антикризни мерки, кој има за цел да обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, да закрепне одредени дејности, да обезбеди стабилност на социјалните трансфери и да обезбеди политики кои ќе помогнат во спроведување на брза излезна стратегија, со цел продолжување со позитивните трендови на македонска економија, кога кризата ќе заврши. Ова го посочи министерот за финансии Фатмир Бесими на собраниската комисија за финансирање и буџет.
- Четвртиот сет мерки има три столба. Првиот е наменет за граѓаните, социјалниот сегмент што се однесува на граѓаните и нивниот стандард за соочување со овој период. Вториот столб се однесува на приватниот сектор односно економската активност и работните места, сите активности што подразбираат ликвидност, финансиската стабилност и економското опоравување. Третиот столб подразбира фискална и финансиска стабилност на економијата во целина. Таргетираните мерки ќе го амортизираат ударот врз домашните погодени компании преку стимулирање на приватната потрошувачка и поддршка на приватниот сектор.- посочи министерот за финансии Фатмир Бесими.
Вкупните приходи се планирани на ниво од 196,3 милијарди денари и истите се планирани на речиси идентично ниво во однос на планот, додека вкупните расходи се планирани на ниво од 253 милијарди денари или за 4,1%, односно за околу 10 милијарди денари повисоки во однос на планот. Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е позициониран во износ од 56,6 милијарди денари, односно 8,4% од БДП
Со ребалансот на буџетот се додаваат средства во програмата на Владата која е наменета за спроведување на дел од мерките од четвртиот сет како мерки за поддршка за исплата на плата за компании кои имаат одреден пад на приходи како последица на пандемијата, домашна платежна картичка, поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје, наливно вино и вино во шишиња; туристички водичи, регистрирани како самостојни вршители на дејност; враќање на туристичка такса за 2019 година, за остварени ноќевања; македонски викенд шопинг со МојДДВ, државна гарантна шема и царинската гаранција и грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби.
Проектираниот дефицит за 2020 година, отплатата по основ на главница на надворешен долг во износ од 26.9 милијарди денари и отплатата на домашен долг во износ од 15.3 милијарди денари ќе се финансираат преку задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност.