Примена на законот за урбанистичко планирање и очекувања од законот за градење беа дел од темите на кои претставници на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, денеска, разговараа со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

На средбата со членовите на Управниот одбор, министерот доби информации и околу тарифникот за урбанистичко планирање и тарифникот за инженерски услуги, како и состојбата и потребата од обуки за примена на еврокодови.

„Чест ми е што остварив средба со Комората, каде се запознав со предизвиците и потребите на архитектите и инженерите и со ефикасното работење на Комората која е одлична пласирана во меѓународни рамки. Министерството за транспорт и врски секогаш е отворено за соработка и во таа насока заеднички ќе работиме на подобрување на дејноста. Очекуваме Комората да биде уште поактивна во дискусиите за донесување на новите законски и подзаконски решенија во сферата на градбата. Се надевам на натамошна успешна соработка за потребите на министерството и неговите активности. Овој сектор треба да го направиме уште поквалитетен“, рече министерот Бочварски.

Инженерите и архитектите побараа поддршка од Владата за обуки за употреба на еврокодовите.

„Со министерот Бочварски разговаравме за актуелни прашања од коморското работење. Го запознавме со нашата организација и потребите од донесување и примена на одредени законски решенија, како и тарифникот за урбанистичко планирање и тарифникот за инженерски услуги. Многу важно прашање се и еврокодовите и нивната примена за усогласување во работењето со европските колеги“, рече претседателот на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, професор д-р Миле Димитровски.

Комората искажа подготвеност за целосна соработка и ставање на располагање на сите технички и интелектуални капацитети за реализација на законските решенија кои се очекува да бидат донесени.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/10/2020 16:49