Занаетчиските комори на Скопје, Штип, Куманово и Битола за проекти за развој и унапредување на занаетчиството денеска добија грантови од Министерството за економија во вкупен износ од 707.000 денари, со кои се кофинансираат 75 отсто од трошоците за реализација на проектите.

– Оваа година покрај занаетчиските комори поддржавме рекорден број на занаетчии за што преку мерките на Министерството за економија се реализирани 4,4 милиони денари за мерката субвенции за занаетчии. Како Министерство уште еднаш покажуваме дека се грижиме за занаетчиството што е многу важна дејност во нашата држава. Радува фактот што предвидените средства за поддршка на занаетчиството во буџетот на Министерството за економија се целосно реализирани и 43 занаетчии добија субвенции, а четири здруженија на занаетчии добија грантови за поддршка и развој на занаетчиството, изјави министерот за економија Крешник Бектеши по потпишувањето на договорите за грантови

Тој информираше дека со четвртиот пакет мерки се предвидени дополнитени средства за поддршка на занаетчиите, што ќе им бидат достапни по донесувањето на ребалансот на Буџетот.

– Со мерките од четвртиот пакет се предвидени дополнителни 12 милиони денари за поддршка на занаетчиите за набавка на репроматеријали и опрема, а дополнително на тоа знаетчиите може да ја користат мерката за финансиска поддршка за исплата на плати, како и бескаматната кредитна линија на Равзојната банка каде Мнистерството кофинансира 60 милиони денари, а занаетчиите можат да аплицираат за бескаматни кредити до 5.000 евра за зголемување на нивната ликвидност, потенцираше Бектеши.

Министерот додаде дека се работи на законските измени кои ќе овозможат од 1 јануари следната година намалување на ДДВ на занаетчиските услуги од 18 на 5 отсто.

Агрон Фазлии, претседател на Занаетчиската комора на Куманово и претседател на Занаетчиската комора на Македонија се заблагодари на Министерството за економија за вклучувањето на занаетчиите во креирањето на сите мерки за поддршка на економијата од ковид-кризата.

– Занаетчиите добија поддршка во сите три пакети на мерки кои што ги донесе Владата, сега чекаме да се донесат законските измени за да почнат да се реализираат мерките од четвртиот пакет, каде што занаетчиите може да аплицираат по повеќе мерки, рече Фазлии и потенцираше дека е неопходна поддршката на државата за занаетчиството како една од најпогодените сектори од ковид кризата.

Ако има и петти пакет мерки, посочи тој, ние ќе излеземе со наши барања.

Министерството за економија почнувајќи од 2010 преку повеќе мерки го поддржува занаетчиството. За десет години поддржа вкупно 163 занаетчии и 41 проект на занаетчиски комори во вкупна вредност од 340.000 евра.

И во Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2020 година беше предвидена мерка „Кофинансирање на проекти на занаетчиските комори за развој и промоција на занаетчиството во Република Севрена Македонија“ со која се кофинансираа 75 отсто од трошоците за реализација на проекти на занаетчиските комори кои се однесуваат на развој и промоција на занаетчиството. Со неа се поддржуваше организирање на обуки за поединечни занаетчиски дејности, поттикнување на креативни занаети, организирање на форуми, организирање на промотивни активности, јакнење на свеста за придобивките од легализација на занаетчискиот бизнис, како и активности за зачувување на старите занаети.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/10/2020 18:30