Завршуваат инфраструктурните проекти во поголемиот дел од индустриските зони во државата со што создаваме услови за реализација на инвестициите. И покрај очекуваниот пад на извозот од зоните поради пандемијата, бројот на вработени останува константен, изјави денеска премиерот Зоран Заев при увидот на активностите за изградба на инфраструктура во ТИРЗ Скопје 2.
И покрај условите на пандемија и намален обем на испорака, потенцираше Заев, речиси сите работници во зоната ги задржаа работните места и придонесуваат во одржувањето на стабилноста на македонската економија.
– Извозот од зоните на годишно ниво лани изнесуваше близу 2,8 милијарди евра, 40 проценти раст во однос на 2017, а во услови на пандемија согласно податоците до септември забалежан е очекуван пад, но и покрај тоа позитивно е тоа што бројот на вработени останува константен. Во зоните низ државата 13.480 вработени работат активно на зголемување на продуктивноста, изјави Заев, пред капацитетот на „Герешајмер“, кои е во финална фаза на нивната инвестиција.
Тој најави дека до крајот на годината се очекува да се заокружи изградбата на инфраструктурата во технолошко индустриските зони во државава. Во ТИРЗ Скопје 2 во тек е изградба на комплетна инфраструктура: сообраќајници, водвод, атмосферска и фекална канализација, гасовод и улично осветлување на булеварот по улиците 1, 3 и 9. Станува збор за комплетна инфраструктура околу новите инвестиции во ТИРЗ Скопје 2, чии капацитети се во тек на изградба – инвестиција од 107 милиони денари.
– И покрај нестандардните услови за изведување на работите како резултат на почитување на мерките за претпазливост од Ковид-19 согласно динамиката на работата очекуваме предвидените работи да бидат завршени до крајот на годината во оваа зона и во поголем дел во индустриските зони ширум државата. Сакаме да ги обезбедиме потребните инфратсруктурни стандарди за инвеститорите кои го вложуваат својот капитал и средства во Македонија, рече Заев.
Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Александар Младеновски ги претстави тековните инвестици во ТИРЗ Скопје 2 и најави дека по заокружувањето на тековните работи во зоните, веќе напролет ќе почнат со изведба на зоната Скопје 3.
– Генерално веќе се привршуват сите проекти во инфраструктурата. Во Прилеп е готова клучката, завршена е внатрешната инфраструктура, исто и надворешната, во Струга е завршена внатрешната инфраструктура, во Кичево се завршува, во Струмица е при крај терминалот и со тоа ја комплетираме комплетно зоната, а во Штип ќе почнеме со изведба на спојувањето со новиот експресен пат со Кочани. Со тоа генерално се завршуваат инфраструктурните проекти во сите зони во државата, рече Младеновски.