Од вкупно регистрираните 171.000 земјоделци, само 37.186 се жени или 21,7 отсто, додека од 300 договори за закуп на земјоделско земјиште, само 76 се склучени од жени земјоделки. Жената од руралната средина е невидлива работна сила и страда од различни видови дискриминација. Нејзиниот труд не е платен, има ограничен пристап до извори на финансирање и не е вклучена во процесот на одлучување. Актуелната ситуација со КОВИД, ги направи предизвиците уште поголеми, истакнаа учесниците на денешната „зум“ конференција што се одржа по повод 15 октомври – Меѓународниот ден на жената од руралната средина.

Како што беше речено, негативните ефекти од корона пандемијата влијаат врз жените во руралните средини. Кај 85 проценти од нив е зголемена работата и на поле и дома, вкупно 64 отсто не се активни на пазарот на трудот заради ангажирање во домаќинството и грижа за деца, а 47 проценти од невработените рурални жени вршат неплатена работа во семејни фарми.

-Во услови на оваа криза, уште повеќе е зголемен ризикот за жената од руралната средина. Ние сакаме да видиме напредок на ова поле. Сите земји членки кои ја имаат прифатено ООН Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација кон жената, како што е и Република Северна Македонија, треба да се придржуваат на оваа Конвенција со цел и жената од руралната средина да ја добие позицијата која ја заслужува, рече шведската амбасадорка, Кристин Форсгрен Бенгтсон.

Според регионалната директорка на Шведската организација за развој We Effect, Анели Леина, руралните жени кои традиционално го прехрануваат семејството и се грижат за неговата благосостојба играат клучна улога во обезбеденоста на домаќинствата со храна. Тие се исто така основа и на руралната економија, работејќи како земјоделци, сезонски работници, но и рурални претприемачи.

-Проектите поддржани од We Effect во Северна Македонија покажуваат дека инвестирањето во руралните жени може да генерира значително подобрување на продуктивноста, обезбеденоста со храна и одржлив рурален развој. Руралните заедници имаат огромна социјална и економска корист кога жените поседуваат земја, имаат пристап до образование, обуки, финансиски услуги и силни организации. Затоа, затворањето на родовиот јаз во земјоделството не е само женско прашање, тоа е прашање и на семејството, на заедницата и на целото општество, истакна Леина.

Претседателката на Националната федерација на фармери (НФФ), Васка Мојсовска напомена дека жените во руралните средини претходно веќе се соочуваа со специфични проблеми во нивниот секојдневен живот, кои дополнително со корона кризата станаа понагласени.

-Дел од проблемите со кои се соочуваат овие жени во текот на актуелната ситуација, се намален пристап до квалитетни здравствени услуги, зголемена видливост на неплатената работа, интензивирање на родово базираното насилство, дезинформираност и недостаток на пристап до критични технологии за подобрување на нивната работа и личен живот. Некои од овие проблеми беа детектирани преку Анализата за руралните жени и корона кризата изработена од страна на НФФ, истакна Мојсовска.

Таа укажа дека е потребно активно залагање од страна на сите чинители за воведување соодветни мерки за ублажување на товарот за грижа и за подобро негово прераспределување меѓу жените и мажите, за достапност до услуги на жените во руралните средини и за поддршка на продуктивната и неплатена домашна работа.

-Жените имаат клучна улога во обезбедувањето одржливост на руралните домаќинства и заедници, како и во подобрувањето на целокупната благосостојба, но таквата улога се уште не е доволно препознаена, дополни Мојсовска.

Министерска за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска рече дека законот за заштита и спречување од дискриминација е во процедура на донесување и го посочи податокот дека од 300 склучени договори за закуп на земјоделско земјиште, само 76 договори се склучени од жени земјоделки.

-Потребно е да се надминат традиционалните стереотипи, да се отворат градинки и старски домови во руралните средини за да им се помогне на жените од руралните средини да можат да се вклучат на пазарот на труд, потенцира Шахпаска.

Како што рече заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, во Единствениот регистар за земјоделски стопанства од регистрирани 171.000 земјоделци, запишани се 37.186 жени или 21,7 отсто од вкупниот број.

Според Петар Ѓоргиевски, претседател на Мрежата за рурален развој, треба да се влијае поттикнувачки врз руралните жени, преку презентирање добри практики и успешни приказни за жени претприемачи во руралните средини. Јакнењето на руралнта жена е важно и од перспектива на глобалниот просперитет, за постигнување милениумските развојни цели и обезбедување безбедно и стабилно опшество.

На конференцијата НФФ повтори дека бара реализација на мерката 115 за активен женски член во земјоделско стопанство од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој 2019, како и креирање мерки и политики кои ќе бидат дел од новата стратегија за земјоделство и рурален развој со посебен осврт на подобрување на економската и социјална положба на жените во руралните средини.

„Зум“ средбата по повод Меѓународниот ден на жената од руралната средина ја организираа НФФ, Мрежата за рурален развој и Шведската организација за развој We Effect. На средба учествуваа околу 100 жени од руралните средини, претставници на научни, образовни, јавни институции и други организации кои соработуваат со руралното население.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/10/2020 20:14