Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против две лица за кривично дело „узурпација на недвижности“.

Како што соопшти денеска Јавното обвинителство, првиот обвинет, 39-годишен жител на Глумово, како трговец-поединец, кој врши дејност за патнички воден транспорт, на точно неутврден датум со намера заземал во владение туѓа недвижност што е со пропис прогласена за споменик на природата.

На катастарска парцела на брегот на езерото Матка поставил дрвена платформа со вкупна површина од 120 квадратни метри со метална конструкција, над која изградил објект од цигла и дрво со површина од 49 квадратни метри.

Вториот обвинет, 25-годишник од Глумово, делото го сторил така што на пет катастарски парцели исто така на брегот на езерото, поставил дрвена платформа со метална конструкција и со површина од 189,54 квадратни метри, на која изградил времен објект со површина од 187 квадратни метри.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/10/2020 13:40