Караван за зелена економија, во текот на вчерашниот ден, го обиколи скопскиот регион, во организација на регионалниот проект „Вмрежување и застапување за зелена економија“, финансиран од ЕУ. Караванот, на кој присуствуваа повеќе од 30 претставници на граѓански организации, направи неколку запирања во скопската околина, за да ги запознае учесниците со примери на зелено претприемништво.

Прва станица беше во општина Сопиште помеѓу селото Нова Брезница и браната Козјак во местото Рудина, каде Караванот ги посети АПИ Коморите на пчеларот Ѓорги Златинов. Во АПИ коморите се сместени сандачиња со пчели, од кои се инхалира воздухот, односно се вдишуваат матичен млеч, полен, нектар, прополис, перга, мед кои благотворно делуваат на луѓе кои имаат респираторни проблеми или алергии. Втората станица беше во с. Јаболце каде учесниците на Караванот ја посетија локацијата за производство на биохумус со помош на калифорниски црви. Ова поизводство го организира здружението на граѓани за социјален и економски развој Ин Виво, кое воедно промовира и развива модели на социјално претприемништво и спроведува активности за соодветна инклузија на ранливи категории на лица. Потоа караванот продолжи во Јавна Соба каде своите производи ги промовираа Оммо Бајк Станд кои користат употребени печатени реклами од билборди и печатени церади и вршат нивна пренамена во торби за велосипеди (бисаѓи), како и „Една прави“ - социјално претпријатие кое нуди високо квалитетна, органска и јадлива козметика, со чија продажба и изработка се зајакнуваат самохраните мајки од организацијата „Една може“.

По успешниот караван за зелена економија од минатата година, ова е вториот од серијата на три каравани за зелена економија кои ќе се спроведуваат еднаш годишно, во секоја од на Западен Балкан каде се спроведува проектот: Република Македонија, Србија, Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Целта на оваа активност е запознавање на чинителите со концептот за зелена економија и претприемништво, носејќи ги на терен и прикажувајќи практични примери на бизниси кои ги намалуваат еколошките ризици и недостатоци. Експерт за зелена економија се приклучи на караванот, за да го објасни концептот на зелена економија и неговите предности. Исто така, на учесниците им беа презентирани проектните активности, како и можностите за нивно ангажирање и активно учество во проектот.

„Вмрежување и застапување за зелена економија“ е тригодишен проект, започнат во април 2018 година, имплементиран од 7 партнерски организации, кои се членови на Балканската мрежа за рурален развој: Мрежа за рурален развој на РМ, Мрежа за рурален развој во БиХ , Мрежа на организации за рурален развој на Косово, Мрежа за рурален развој на Црна Гора, Мрежа за рурален развој на Србија, Албанска мрежа за рурален развој и Мрежа за рурален развој на Хрватска.

Главната цел на проектот е да обезбеди поддршка за подобрување на влијанието на Балканската мрежа за рурален развој и нејзините конституенти, врз креирањето политики и донесувањето одлуки, преку вклучување во земјоделските и руралните програми и процесите на донесување реформи во политиките за воведување на концептот на зелена економија.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/10/2020 15:35