Одговорни носители на функции ги гледаат аномалиите на функционалноста на системот и предлагаат соодветни мерки, така што ќе инсистираме во процесот на децентрализација да можеме да имаме јурисдикција врз единиците на локална самоуправа коишто административно се на територијата на Градот Скопје, изјави денеска скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

– Треба да постои дуализам во делот на инспекторирањето, особено во урбанизмот, токму заради експлицитните примери на непочитување на законот. Не постои поинаков начин ако видиме дека немаме самоконтрола, да воспоставиме хиерархиска контрола едни кон други, изјави Шилегов одговарајќи на новинарски прашања по извршената обиколка на претоварна станица во Скопје, каде се одложуваат стари печки и други нееколошки грејни тела, заедно со премиерот Зоран Заев и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски.

Во врска со проблемите на противпожарната единица, Шилегов нагласи дека Градот Скопје, заедно со министерката за одбрана и со синдикатите на пожарникарите, работи на изнаоѓање решение за конечно квалификување на работните места на пожарникарите во правно формална смисла.

– Досега онака како што беше, луѓето беа оставени и не беа додефинирани работните места. За ваша информација, Противпожарната бригада, членовите на Противпожарната бригада на Скопје до сега по основ на тужби за надоместок по работни часови Градот Скопје го чинат 80 милиони денари. Меѓутоа, имајќи ја предвид мојата различност или нашата политичка различност од нашите претходници на ниту еден од нив не му е закането се нешто, ниту е избркан од работа, ниту имал последица затоа што тужел за средства за коишто и ние мислиме дека им припаѓаат и работиме да најдеме законско решение, додаде Шилегов.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/10/2020 22:08