Министерството за внатрешни работи покрај на територијата на главниот град Скопје, спроведува засилени акциски контроли за санкционирање на непочитувањето на сообраќајните правила и прописи и во другите градови, меѓу кои и Кичево, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски на денешната прес конференција во Кичево.

„Се санкционираат сите сообраќајни прекршоци, а особено оние кои што се најчеста причина за сообраќајни незгоди со тешки последици. До сега во три седмици откако започнаа засилените сообраќајни контроли изречени се над 12.000 санкции, најчесто за возење со брзина над дозволената,нерегистрирани возила, а се санкционираат и возачите на мотори кои не ги почитуваат правилата“, рече Ангеловски.

Портпаролот на МВР апелираше до граѓаните на Кичево да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се зголеми безбедноста во сообраќајот.

„Само за еден час во денешната акциска контрола во Кичево се изречени 70 санкции, пред се за нерегистрирани возила, возење без возачка дозвола и др. “, соопшти Ангеловски, кој потенцира дека акциските контроли продолжуваат и во наредните денови, а целосните податоци од денешната засилена акциска контрола во Кичево ќе бидат презентирани утре.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/10/2020 14:18