Прехранбената индустрија, енергетиката во делот обновливи извори на енергија, металната, електро, машинската и автомобилската индустрија, ИКТ, туризмот, одржливите материјали и минералните суровини се секторите со најголема конкурентна предност во земјава кои би можеле први да минат низ процесот на т.н. паметна специјализација.

Како што соопшти Стопанската комора на Македонија, паметната специјализација е предуслов за конкурентна економија.

-Еден од основните предизвици на секоја национална економија е како до поголем економски раст и како да се искористат потенцијалите и конкурентните предности на сите чинители во економијата. Европската унија веќе одамна го воведе концептот Паметна специјализација. Во земјите од Западен Балкан во моментот се одвива процес на дефинирање на концептот Паметна специјализација. Кај нас од 2018 година е почнат процес на дефинирање и воведување Паметна специјализација и во моментот се одвива консултативен процес со приватниот сектор и со институциите во насока на дефинирање на приоритетните сектори, односно дефинирање на секторите кои имаат потенцијал за натамошен и континуиран раст, развој, иновативни капацитети и апликација преку соработка со научните институции и академската заедница, наведува Комората.

Целиот процес на воведување паметна специјализација го координираат Министерството за образование и наука и Министерството за економија, а Стопанската комора заедно со Платформата за паметна специјализација која е раководена од Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија е во процес на консултации со компаниите и институциите и ја подготвува Квалитативната анализа која треба да даде насоки кои од секторите се со конкурентни и иновативни предности.

-Паметната специјализација претставува пристап на интегрирана економска трансформација која базира на искористување на постојните потенцијали во економијата (бизнисот), иновациите и науката. Паметната специјализација, како политика е во корелација со индустриската политика, стратегијата за иновации, конкурентност, регионален развој, стратегијата за образование и развој на вештини. Паметната специјализација е составен дел и од Берлинскиот процес и МАП РЕА, а е ставена како обврска и во рамки на приспособувањето кон ЕУ, односно преговарачкиот процес – Поглавје 25: Наука и истражување (каде вели дека неопходно е да се развие стратегија за паметна специјализација за поддршка на националните стратегии и политики за истражување и иновации) и со Поглавје 20: Претпријатија и индустриска политика, дополнува Стопанската комора.

Ова, нагласува Комората, е исклучително значајно во процесот на креирање подобри економски политики со цел максимизирање на позитивните ефекти од државната поддршка за приватниот сектор преку насочување на истата кон претходно идентификуваните сектори согласно потребите и можностите на секој сектор и изнаоѓање механизми за зголемена соработка на бизнис секторот со академијата и научноистражувачките центри. Практично, овој процес е инклузивен и се базира на активна вклученост на клучните чинители од науката, граѓанскиот и приватниот сектор во дизајнирање и имплементирање на фазите од процесот на градење конкурентски предности на земјата. Се разбира, Владата е главниот координатор на процесот кој треба да ги имплементира предложените мерки од страна на клучните чинители.

-Главна цел на воведување и подготвување стратегија за паметна специјализација е да ја трансформира македонската економија во конкурентна економија насочувајки ги сите потенцијали на поддршка и развој во приоритетните секторите кои се иновативни и со потенцијал за раст и развој. Во понатамошниот период, приоритет за користење на европските и националните фондовни ќе имаат секторите кои ќе бидат дефинирани како приоритетни сектори во рамки на стратегијата за паметна специјализација. Со новите финансиски програми, стратегијата за паметна специјализација ќе биде предуслов за користење „ХОРИЗОНТ ЕВРОПА“, ИПА, како и други фондови на Европската унија. Приоритетните сектори ќе бидат дефинирани во рамки на подготовката на Квалитативната анализа, што е дел од процесот на подготовка на Стратегијата за паметна специјализација.

Искуствата на Србија и Црна Гора при реализација на процесот на преговори покажаа дека неопходно беше да ги приспособат своите економски политики, особено индустриската политика, со принципите на паметна специјализација.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/10/2020 16:19