Тренерот на Барселона, Роналд Куман е на мислење дека неговиот тим не е меѓу претендентите за трофејот во годинашното издание на Лигата на шампионите.
Зборувајќи за медиумите пред домашниот дуел со унгарски Ференцварош во утре во натпревар од групата „Г“, холандскиот стручњак истакна дека не ги смета Каталонците за фаворит во трката.
– Кога сте во Барселона, секогаш сакате да се борите за трофеи, без разлика дали станува збор за Ла Лига или Европа. Ние не сме фаворити, но можеме да стигнеме далеку, започна тој на денешната прес-конференција.
Неодамнешните неуспеси на „блаугранас“ на најпрестижниот клупски турнир во Европа – имено само еден настап во полуфиналето од последниот триумф во 2015 година – беше проследен со желбата на клупската легенда Лионел Меси да го напушти „Камп Ноу“ ова лето.
Аргентинскиот напаѓач во повеќе наврати отворено изјави дека сака повторно да го подигне трофејот, а оваа сезона може да биде неговата последна шанса да го стори тоа со Барса, со оглед на фактот дека неговиот тековен договор со клубот истекува следното лето.
– Во моментов можете да кажете дека неговите настапи би можеле да бидат подобри. Но, кога го гледате секој ден, тој е среќен и сака да игра и да биде капитен на тимот. Немам поплаки или сомнежи во врска со неговите напори, рече Куман по поразот од Хетафе од 0-1 во саботата.
Средбата со Ференцварош е на четири дена пред следното издание на „Ел Класико“, но Холанѓанецот беше категоричен дека Каталонците целосно се фокусирани на својот воведен натпревар во Лигата на шампионите.
– Знаеме дека дуелот нема да биде лесен. Ќе излеземе со силен состав. Саботниот натпревар не е важен во оваа фаза – важниот доаѓа утре. Ќе биде тешко, бидејќи овие денови едноставно нема лесни ривали. Секогаш е важно да го добиете првиот натпревар во групата во Лигата на шампионите, особено на домашен терен, заклучи Куман.
Тој нема да може да смета на актуелниот голман Марк-Андре тер Штеген и левиот бек Жорди Алба, како и долгорочно повредениот централен дефанзивец Самуел Умтити.