Последиците од ковид-кризата врз економијата се видливи, но во голема мера се ублажени преку навремените и соодветни монетарни и фискални мерки. Потребно е да се продолжи со постојано следење на состојбите, прилагодување на политиките и преземање на навремени мерки, се дел од пораките што произлегоа од состанокот на Народната банка и Министерството за финансии со претставници на Меѓународниот монетарен фонд.
На состанокот, организиран онлајн во рамки на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, е истакнато дека последните податоци покажуваат значително подобрување на состојбата на економијата, но оти неизвесноста е се уште особено изразена.
На состанокот, како што информира Народната банка, присуствувале гувернерката Анита Анита Ангеловска-Бежоска, министерот за финансии Фатмир Бесими, директорот на Одделот за Европа во ММФ, Алфред Камер, шефицата на мисијата на ММФ за нашата земја, Берглјот Бјорнсон Баркбу и резидентната претставничка на ММФ за Западен Балкан, Стефани Ебле.
Посебно внимание е посветено на предизвиците во следниот период кога приоритет останува справувањето со здравствената криза што ќе биде од суштинско значење за заштита на економијата и на јавните финансии.
Според оцените на ММФ, важно ќе биде и во текот на следните месеци да се дава поддршка на економијата, а мерките да бидат добро таргетирани, да имаат привремен карактер и да се спроведуваат на транспарентен начин.
Од ММФ оцениле дека поголеми инвестициски вложувања во следниот период можат да помогнат да се зголеми потенцијалот за раст на економијата. Како што е истакнато на состанокот, и во текот на ковид-кризата не смее да се заборави на структурните реформи коишто се предуслов за натамошниот долгорочен раст на економијата.
Во контекст на закрепнувањето на македонската економија, од високите претставници на ММФ е посочено дека голема важност е што финансиската стабилност постојано јакне и што постојано се работи на унапредување на регулативата во оваа сфера. Банкарскиот сектор, којшто е носечки столб на финансискиот систем, како што оцениле од ММФ, треба и може да испорача клучна поддршка за економијата и во натамошниот период на ревитализација.