Народната банка ги отфрла како целосно неточни обвинувањата и инсинуациите на еден од доминантните сопственици на „Еуростандард банка“ АД Скопје – сега во стечај, упатени кон Народната банка и нејзиното раководство, се вели во реакцијата на НБМ на настапот на Трифун Костовски во емисијата „Студио 10“ на ТВ 24, на 19 октомври.

„Народната банка е независна институција и во своето постапување се води исклучиво од законите, кои подеднакво важат за сите. Kако регулатор и супервизор на банкарскиот систем не смее и нема да дозволи банка да работи спротивно на закон со тоа доведувајќи ја во прашање и стабилноста на целиот банкарски и финансиски систем. Секоја слаба алка во системот мора да се санира или доколку тоа не е можно мора да се отстрани од системот за да нема негативни ефекти врз останатиот дел од финансискиот систем.

Со оглед на тоа што сопствениците на „Еуростандард банка“ не ја исполнија својата законска обврска за докaпитализација на банката, единственото што Народната банка остануваше да го направи за да се заштити билансот на банката од натамошно влошување беше да ја исполни својата законска обврска и да ја укине дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ АД Скопје, и на тој начин да ги стави средствата и имотот на располагање на доверителите.

На преземањето на ваквата мерка претходеше интензивната комуникацијата со сопствениците, во која Народната банка постојано укажуваше на сериозноста на состојбата во која се наоѓаше банката и инсистираше на итна докапитализација, потенцирајќи ги јасно последиците од неисполнувањето на нивната законска обврска за санација на банката со дополнителна уплата на капитал.

Уште еднаш нагласуваме дека согласно со своите законски надлежности, Народната банка ги презема сите соодветни мерки, вклучително и законската обврска за поднесување кривична пријава за предизвикување стечај и штета на доверителите на „Еуростандард банка“ АД Скопје, со предлог за преземање и други мерки за натамошна заштита на интересите на доверителите“, се вели во реакцијата на НБМ.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/10/2020 01:25