Народната банка склучи Договор за соработка со Европската централна банка (ЕЦБ) во сферата на заштитата на банкнотите во евра од фалсификување. Договорот е потпишан од гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, и со него е предвидено ЕЦБ, на барање на Народната банка, да обезбедува технички информации за оригиналните банкноти во евра, како и информации поврзани со фалсификуваните банкноти во евра.

– Врз основа на овие информации, отсега Народната банка ќе може полесно да ги класифицира регистрираните фалсификати на територијата на нашата земја. Истовремено, предвидено е Народната банка да испраќа редовни месечни извештаи до ЕЦБ со коишто ќе ја известува за сите регистрирани фалсификувани банкноти во евра откриени на територијата на нашата земја. соопшти НБРМ, посочувајќи дека со Договорот се остварува уште еден чекор во исполнувањето на препораките од најновиот извештај на Европската комисија и се потврдува цврстата стратегиска определба на Народната банка за чекорење по патот кон Европскиот систем на централни банки.

Преку ваквата соработка, се додава во соопштението, се овозможува Народната банка уште повеќе да придонесе во справувањето со фалсификувањето на еврото, како централна банка партнерка на ЕЦБ.

-Со тоа се создава простор нашата централна банка дополнително да ја потврди не само својата определба, туку и својата подготвеност да биде конструктивен член на европското централнобанкарско семејство и да дава уште поголем придонес за јакнење на европската макрофинансиска стабилност, соопшти Народната банка.

Минатата година НБРМ склучи и Договор со Европската комисија за соработка во сферата на заштитата на кованите евра од фалсификување. Со склучувањето на Договорот со ЕЦБ се заокружува рамката на соработката во однос на заштитата на еврото. Истовремено, Народната банка засилено работи и на унапредување и усогласување на правната рамка и на методологијата на системот за борба против фалсификувањето на еврото, согласно со најдобрите европски искуства и практики.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/10/2020 13:01