Министерствотo за животна средина и просторно планирање информира дека веќе е во тек реализација на три јавни набавки за обновување на пречистителната станица за редукција на шестовалентиот хром во „Југохром“ – Јегуновце, и тоа за нови резервоари за пречистителната станица, за одржувањето на системот и за далечинско управување.

– Пречистителната станица за прочистување на загадените води со шестовалентен хром во околината на Јегуновце, поради дотраеност, во изминатиот период не работеше во полн капацитет. Заради исклучителното значење на прочистувањето на шестовалентниот хром и спречувањето на истекување или прелевање на загадената вода, Министерството направи дополнителни напори и одвои средства за покривање на трошоците за реконструкција на инсталацијата. Реконструтивните работи (реконструкција на заштитно корито под резервоарите и поставување на нови резервоари) треба да завршат до средината на ноември, соопштуваат од МЖСПП.

Заради увид на состојбата на терен, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, придружен од државниот секретар Каја Шукова, остварил посета на ДПТУ Југохром АЛЗАР, каде се сретнал со раководството на компанијата и вработените во пречистителната станица.

Министерот Нуредини бил информиран дека во процесот на реконструкција се следат состојбите во и околу депонијата и резервоарите со отпадната вода.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/10/2020 13:32