Шпаркасе Банка, Бизнис импакт лаб и Пакомак, ја реализираа шестата по ред е-акцелераторска програма, Social Impact Award 2020, односно „Наградата за социјално претприемништво 2020“.

За најдобрите три идеи/решенија на Зелен печат, ICare и EnRoute, Шпаркасе Банка обезбеди парични награди во висина од по 1.500, 1.000 и 500 евра за секој од нив. Четвртиот победник „Eko Green Bin“ доби менторска помош обезбедена од Бизнис импакт лаб и Пакомак. Покрај наградите, најдобрите тимови ќе добијат и бесплатно учество на Самитот на Social Impact Award каде што виртуелно ќе се сретнат со претприемачи од 16 европски земји, со поддршка на Фондацијата ЕРСТЕ и Impact Hub Vienna.

-Искрено, во оваа чудна 2020, не очекував дека би имала ваков среќен момент. Водата е наш неопходен ресурс, па затоа и треба да им укажеме одредено ниво на почит на нашите реки. Би сакала еден ден да се вратат приказните за убавите денови поминати покрај Вардар. Многу сум благодарна за укажаната чест и за поддршката што ја добив од целокупниот тим на SIA, посебно менторите, брат ми и мојата драга другарка Викторија Насевска, изјави Кристина Николова од Зелен печат.

Директорот на дирекцијата за мали и средни претпријатија во Шпаркасе Банка, Владимир Кечовски истакна дека е горд на младите иноватори кои оваа година, во отежнати услови успеаја да ги покажат своите оригинални идеи и да размислуваат во насока на пронаоѓање нови и иновативни решенија во сферата на социјалното претприемништво и решенија за поголема заштита на животната средина.

– Им честитаме на победниците и ги охрабруваме и понатаму да го задржат позитивниот ентузијазам во нивниот професионален развој и да веруваат во себе. Шпаркасе банка и по завршувањето на програмата, ќе продолжи да биде доверлив партнер и да им ја овозможува потребната финансиска и менторска поддршка при развојот на нивните бизниси во рамките на програмата за стартапи „Чекор по чекор“, додаде Кечовски.

„Наградата за cоцијално претприемништво 2020“ претставува едукативна програма и натпревар за претприемачки идеи меѓу студентите и младите во Македонија. Претставените идеи во рамките на програмата имаат потенцијал да бидат развиени и имплементирани како иновативно решение во областа на социјалното претприемништво. Целта на програмата е да се зголеми интересот меѓу младите за оваа област, како и да се поттикнат да размислуваат за создавање социјални бизниси.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/10/2020 14:01