По 13 години активности на повеќе научни и стручни институции и асоцијации усвоени се 10 комплети еврокодови за градежништвото составени од 59 европски стандарди и 57 национални анекси.

Станува збор за стандарди од областа на градежништвото во Европската Унија што се очекува да се имплементираат во наредните три години кај нас и да овозможат да се зголеми конкурентноста на македонското градежништво на европските пазари.

За таа цел ќе следи обука на инженерската фела вклучена во процесот на проектирање и изградба, како и модификација на наставните програми. Научните и стручните асоцијации стартуваат со пилот проект со Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија. Целта е запознавање на компаниите со стандардите и олеснување на нивната примена.

Како што беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора на Македонија, еврокодовите се услов за поконкурентно македонско градежништво на европските пазари, но и обврска од евроинтеграцискиот процес. Во активностите беа вклучени Институтот за стандардизација, Комората на овластени архитекти и инженери, Друштвото на градежни конструктори на Македонија (ДГКМ), професори од повеќе факултети, Министерството за транспорт и врски…

– Еврокодовите претставуваат технички прописи и стандарди од Европската Унија за проектирање и градење на сите видови градежни конструкции. Националните Анекси (NA), преку кои се воспоставува врската помеѓу постојните национални стандарди и Еврокодовите во нашата држава беа усвоени во текот на септември оваа година и од повеќе аспекти се значајни за градежниот сектор и фелата, рече Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија.

Примената на еврокодовите, појасни тој, се заснова на премисата дека тие соодветсвуваат со последното ниво на развој и знаење од областа на градежништвото, имаат универзална примена и се супериорни во однос на меѓународните стандарди.

– Дополнително, нивната имплементација е дел од евроинтеграцискиот процес на нашата држава, а со нивното усвојување во овој момент градежниот сектор оди чекор напред кон усогласувањето со европската регулатива, што веруваме дека во следниот период само би го олеснило патот на домашните градежни компании кон европскиот пазар и би го приближило стручниот кадар кон нивото на знаење и компетенции со кои располагаат развиените европски земји, потенцира Сефаримовски.

Проф. д-р Мери Цветковска, член на Техничкиот комитет 40 за еврокодовите и националните анекси при Институтот за стандардизација и претседател на Друштвото на градежни конструктори на Македонија истакна дека по усвојувањето на еврокодовите и националните анекси претстои период на подготовка на стручната фела за нивна примена. За таа цел, како што рече, пред се, се потребни добро подготвени предавачи.

– Претставници на Друштвото на градежни конструктуори изминатите години присуствуваа на обуки што беа организирани од страна на европски институции кои се подготвуваа за пренесување на своето знаење врз членството – голем број професори не само од Градежниот факултет и претставници на градежната фела од компаниите, така што сега сме подготовни да почнеме процес на обука на младите кадри. Потребно е да се направи модифицирање на студиските програми со вградување на евроокодовите, но потребна е и обука на инженерите кои се директно вклучени во процесот на проектирање и изградба, рече Цветковска.

Претседателот на Техничкиот комитет 40 еврокодови и национални анекси проф. Петар Цветановски, потенцираше дека усвојувањето на еврокодовите е од особено значење. Во нив, укажа тој, се вградуваат резултатите од најсовремените научни истражувања и искуствата во областа на градбата.

Тој најави дека ќе следи сеопфатен процес на едукација на инжинерскиот кадар, за што ќе бидат ангажирани стручни лица, ќе се организираат семинари. Тој процес побарува средства, Комората на овластени архитекти и инженери има средства за спроевдување на активностите, но смета и на поддршка од Министерството за транспорт и врски и други државни органи.

Како што порача Серафимовски, доследната примена на прописите и стандардите, како и следење на искуствата на развиените европски земји градежништвото се единствената патека по која треба да се движиме доколку сакаме да креираме поволно деловно опкружување, да обезбедиме квалитет и да креираме услови кои на компаниите ќе им овозможат покрај на домашниот, да бидат повеќе присутни и конкурентни на странскиот пазар.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/10/2020 15:35