Владата на Косово цени дека вооружувањето на Србија со оружје од Русија врз основа на, како што наведува, договорот меѓу претседателите на двете држави, Александар Вучиќ и Владимир Путин, претставува „сериозна закана за мирот и стабилноста на Балканот“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното соопштение на Министерството за надворешни работи на Косово се вели дека оценката за опасностите од вооружувањето на Србија по регионалниот мир се заснова на „криминалното минато и агресорската политика (на Белград) во Западен Балкан“.

– Ова ново вооружување на Србија доаѓа веднаш откако Русија информира за отворањето на нејзина канцеларија во Министерството за одбрана на Србија. (…) Иако декларативно Србија тврди дека се стреми кон зачленување во Европската унија, таа постојано игра сосема спротивна улога, одржувајќи заеднички воени вежби со Русија и Белорусија, па дури има и извештаи за учество на редовни сили на српската војска (вклучително снајперисти) во Белорусија, се вели во соопштението.

Според косовското МНР, зачленувањето на земјите од регионот во ЕУ и НАТО е „најдобриот одговор на тенденциите на тие земји кои настојуваат да го дестабилизираат регионот“.

– Додека Србија очевидно е решена да биде воен хангар на Русија, Косово и другите земји од регионот се определени за вредностите на цивилизираните и демократските држави. Евроатлантското членство на сите наши држави е најдобриот одговор на тенденциите на тие земји кои настојуваат да го дестабилизираат нашиот регион и кои се постојано сериозна закана за мирот и стабилноста на Балканот, смета официјална Приштина.

Косовските медиуми вчера ја објавија веста дека српскиот министер за одбрана Небојша Стефановиќ го потврдил пристигнувањето на руско оружје за српската војска. Според овие информации, се работи за 30 тенкови Т-72, шест борбени авиони МИГ-29 и 30 оклопни возила БРДМ-2.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/11/2020 16:02