Косовската министерка за надворешни работи и дијаспора Мелиса Харадинај-Стубла тврди дека тројца од австриските полицајци кои синоќа им се спротивставија на терористите кои го извршија нападот во Виена, се Албанци по потекло од Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што известија косовските медиуми попладнево, шефицата на косовската дипломатија ја објави информацијата на заедничка прес-конференција со нејзиниот германски колега Хајко Мас во Берлин, каде што од вчера престојува во официјална посета.

– Косово едногласно го осудува синоќешниот напад во Виена. Нема да коментирам непотврдени извори, но би сакала да нагласам одредени факти околу тоа што се случи вчера. Тројца од припадниците на полицијата кои одговорија на синоќешните напади беа Албанци, државјани на Косово, кои живеат добро интегрирани во Виена и работат и се борат заедно со австриските граѓани за заштита на вредностите и целите кои ние ги споделуваме со народот на Австрија, изјави Харадинај-Стубла.

Австриската полиција објави денеска дека убиениот терорист е 20-годишен Албанец по потекло од Северна Македонија, а дел од австриските медиуми тврдат дека меѓу осомничените за синоќешниот напад има и лица по потекло од Косово, сите поврзани со исламистички терористички организации.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/11/2020 16:10