Одредени се добитниците на наградата и признанијата 8 Ноември, кои традиционално се доделуваат во чест на ослободувањето на градот Неготино. Д-р Силвана Филипова ја добива највисоката општинска награда од областа на медицината.

-Д-р Силвана Филипова е насловен доцент по предметот логопедија при Институтот за дефектологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Од 2019 година е директор на Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас во Скопје. Сама или во соработка со колеги, во изминатиот период има објавено 46 трудови од областа на дефектологијата. Исто така, има издадено 3 печатени книги. Од нив, самата е автор на 2 и тоа на учебникот „Вовед во логопедија“ и книгата „Фонолошки и артикулациски нарушувања“, а е коавтор на учебникот „Логопедија“, стои меѓу другото во образложението за наградата.

Здружение на граѓани „Ековита“-Неготино добива признание за развој на граѓанскиот сектор.

-Членовите на „Ековита“ во изминатиот едногодишен период реализираа бројни активности со кои дадоа активен придонес за развој на граѓанскиот сектор во општина Неготино. Активно учествуваат на меѓународни саеми од повеќе области, го организираа промотивниот настан „Донирај за безбеден дом и безбедна околина“, учествуваа на Националниот рурален парламент во Крушево, а Ековита го организираше и натпреварот за потребите на СОУ„Св. Кирил и Методиј“, на кој ученици подготвуваа рецепти на соларна енергија. Учесници се на меѓународниот земјоделски саем во Бугарија, дадоа поддршка на 7 ученички проекти на напревар на ПМФ од кои пет се вратија со дипломи, присуствуваа на Европскиот младински рурален парламент во Шпанија и вмрежувањето на членките на мрежата за рурален развој во Струга, а нејзини активисти во континуитет го следат и мерат електромагнетното зрачење во Неготино. Активистите на Ековита го следат аерозагадувањето и алармираат до населението, а ја спроведоа и иницијативата за референдум против изградба на депонија, се вели во образложението за признанието.

Димитар Аврамов добива признание од областа на хуманирната дејност. Негово дело е хуманитарниот маратон „Неготино се буди“, со одржување на серијал од повеќе хуманитарни настани и се одржува шест години по ред.

Ѓорѓина Димова добива признание од областа на образованието и ИТ секторот. -Таа е наставничка во ООУ„Страшо Пинџур“ во Неготино и има исклучителни постигнувања во информатичката сфера на образованието. Добитник е на 10-тина награди и признанија од одржани престижни натпреварувања во земјава и странство, подготвува и реализира бројни проекти со кои врши промоција на училиштето во кое работи,општината и државата, а нејзините проекти се промовирани во многу списанија, весници и портали. Од 1998 година до денес има реализирано близу 15 обуки од разни области, редовен учесник е во проекти и посетува обуки, работилници и семинари, а Димова учествува и дава несебичен придонес на голем број меѓународни конференции.

Има објавено четири сопствени трудови, реализирани повеќе обуки во кои таа се јавува како обучувач, редовен учесник е на државни натпревари каде секогаш има забележителни постигнувања, а ученици од училиштето под менторство на Димова имаат освоено преку 20 награди, признанија и дипломи на регионални и државни натпреварувања во исклучително силна конкуренција. Со својот иновативен пристап, секогаш успева да го задржи вниманието на своите ученици, внесува новини во учењето, разменува мислења и идеи со колеги од земјава и странство и дава огромен придонес за развој на информатичката сфера на образованието во општина Неготино, е запишано во образложението за ова признание.

Илија Апостоловски добива признание од областа на спортот. Според одлуката за доделување на награди и признанија, тој е еден од најталентираните и најдобрите млади фудбалски голмани во нашата држава во категоријата во која се натпреварува. Неколку пати е прогласуван за најдобар голман на меѓународните турнири.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/11/2020 19:24