Во зависност од развојот на пандемијата да се организираат повеќе онлајн средби со претставници на карневалски групи на кои ќе се разгледува можноста за одбележување на Струмичкиот карневал 2021 година во периодот од 12 до 17 март во форма и содржина соодветна на моменталната ситуација со онлајн пренос на активностите преку медиумите, е заклучено на синоќешната средба меѓу карневалските групи, членови на Организациониот одбор и градоначалникот Коста Јаневски.

Според Хризантема Рендевска, член на Организациониот одбор, се размислува маските на карневалистите од годинашниот карневал, кој не се одржа заради почетокот на пандемијата од Ковид-19, да бидат презентираани идната година во карневалските денови, односно да се презентираат дневно по две маски на отворено и во скратен обем, а настанот да има ревијален карактер.

-За другите активностите кои ги имаме на Струмичкиот карневал, исто така, размислуваме да се одржат онлајн, односно без присуство на граѓани на отворено, како што е случајот со Чист Понеделник, кога се подготвува бел посен грав и истиот да биде поделен во хуманитарни цели, објаснува Рендевска.

Во случај на влошување на ситуацијата во март идната година заклучено е сите активности да бидат откажани.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/11/2020 13:54