Со каталог „Средновековен накит од музејската збирка во Демир Капија”, денеска беа одбележани 10 години од постоењето на демиркапискиот Музеј. Автор на текстот за каталогот е Цветанка Тодоровска-Митрева, кустос археолог во Музеј Демир Капија, а промотори беа Звонимир Будимировиќ и Орданче Петров.

-Идејата за отворање Музеј во Демир Капија е стара повеќе од една деценија. Точно пред десет години, на 7 ноември 2010 година, почна со работа установата којашто за основнен музејски фонд ја имаше донацијата од локалното семејство Будимировиќ од Демир Капија. Подарокот беше прекрасна збирка од етнолошки материјал којшто семејството Будимировиќ со години наназад вредно и со голема љубов го собираше во својот дом, појаснува авторката, заблагодарувајќи се до семејството.

Таа се осврна на периодот обележан со активности, ентузијазмот и желбата за остварување на долгогодишниот сон за отворање на Музеј, за изложување голем дел од културното наследство од Демир Капија, со акцент на промоција на лозарството и винарството како доминантни традиционални и економски приоритети.

-Денес, по десет години постоење, целта е остварена, Во сето ова време од десет години постоење на Музејот на територијата на Демир Капија, реализирани се бројни археолошки ископувања на повеќе локалитети. Оттаму е прибран музејски материјал, типолошки обработен, хронолошки и културно детерминиран, со дефинирани временски рамки на периодот на кој му припаѓа. Овој материјал поминувајќи низ филтерот на стручната обработка и заштитен од понатамошни оштетувања, во насока на идентификација сега, како музејски предмети, е спремен да ги краси музејските витрини и да биде претставен пред очите на јавноста, рече Тодоровска-Митрева.

Таа појасни дека експонатите во каталогот се резултат од неколкугодишната теренска работа на просторот на Демир Капија.

– Од 2015 година почна една поцелисходна фаза на систематско истражување на неколку локалитети, која трае и ден денес, не занемарувајќи ги претходните археолошки ископувања во 2012 година, реализирани од Националниот конзерваторски центар, како и истражувањата кои 2011 и 2012 беа изведени од страна на катедрата за археологија при Филофовскиот факултет во Скопје на повеќе локалитети на просторот на Демир Капија. Археолошките ископувања кои од самиот почеток на нашето постоење се реализираа на повеќе локалитети во околината на Демир Капија, беа патот на создавање на вториот основнен музејски фонд, кој своето влегување во светот на музеологијата го материјализира во витрините на нашиот музеј, информираше таа.

Авторката на каталогот упати благодарност до сите учесници во археолошките ископувања кои придонеле за реализација на овој проект. -Исто така, голема благодарност до раководителот на археолошките истражувања м-р Орданче Петров од Институтот за старословенска култура од Прилеп, за соработката помеѓу двете установи, рече Тодоровска-Митрева.

Изработката на каталогот финансиски е поддржана од Министерството за култура.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/11/2020 20:12