Гостиварската општа болница ги проширува капацитетите за прием и лекување на заболени со КОВИД 19, а се реши на ваков чекор поради зголемениот број нови случаи.

Директорот на болницата „Ферид Мурад“, Јакуп Јакупи потврди за МИА дека капацитетот на инфективното одделение е целосно исполнет, а по препораките на здравствените власти, почнале со подготовка на објектот во кој функционираше поранешната хемодијализа. Тој посочи дека опремувањето и преправките се при крај и најверојатно викендов новиот ковид центар ќе биде ставен во функција. Според најавите од болничката управа, во наредниов период, потешките случаи ќе се примаат и згрижуваат во овој објект.

Од инфективното одделение информираа дека се соочуваат со зголемен обем на работа. Отаму препорачуваат, лицата кои имаат симптоми да не се лекуваат на своја рака. Задолжително да се јават на преглед и да не дозволат здравствената состојба да им се влоши.

Дежурниот инфектолог Енес Мемеди вели дека згрижените пациенти на одделението имаат просечна возраст која е над 60 години, а имаат и други заболувања. Мемеди посочува на податок дека за разлика од претходниот период, пациентите кои сега се хоспитализирани имаат средна и тешка клиничка слика. Инфектолозите предупредуваат дека состојбата може се влоши, со оглед на кај нив сé почесто доаѓаат случаи со сериозни симптоми. Од друга страна пак, како што вели Мемеди, има случаи што влеваат оптимизам во справувањето со вирусот. Тој го наведе излекувањето на 98 годишна пациентка која била згрижена на нивното одделение.

Од секторот за образование во општина Гостивар, потврдија дека се регистрирани случаи на заболени деца и вработени во училиштата и градинките, но засега состојбата не е алармантна. Според одговорната во секторот, Аслијан Снопче од отворањето, во градинките две воспитувачки и една негувателка имале позитивни тестови, а во училиштата седум вработени и четворица ученици.

Од почетокот на пандемијата во Гостивар, 1.371 лице се заразиле со корона вирусот, а до вчера 340 се водат како активни. Заради последици од КОВИД 19, починале 63 лица.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/11/2020 02:34