Епидемиолошката состојба во Велес е алармантна и нема простор за опуштање, иако според епидемиолозите се очекува во наредниот период да се намалува бројот на инфицирани граѓани, информира на денешната прес конференција градоначалникот Аце Коцевски, по одржаната седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување.

Вкупната бројка на пациенти сместени на Инфективното одделение и на дел од Интерното во велешката општа болницата е 69, од кои 53 се позитивни а другите се уште не се потврдени. Утрово биле регистрирани 12 оздравени пзциенти од Велес.

–Според она што денеска беше изнесено на седницата на Штабот за заштита и спасување, во општата болница во Велес, состојбата е крајно сериозна, на Инфективното одделение има само уште два слободни кревети, а во функција е ставено и дел од Интерното одделение каде се сместуваат пациентите со полесна клиничка слика, информира Коцевски.

Тој појасни дека на седницата на Општинскиот Кризен штаб денеска било најавено дека интензивно се подготвува и Одделението за Физикална терапија кое е засебна зграда одделена од Општата болница, а деновиве ќе биде преадаптирано во уште еден Ковид центар.

Коцевски најави дека Општина Велес ќе испрати барање до Генералштабот на АРМ со цел да се стават на располагање дел од вработените на АРМ за потребите на болницата.

Информира дека припадниците на Армијата ќе бидат ангажирани за транспорт на кислородните концентратори и на влезот и излезот на болницата без да имаат каков било контакт со пациентите. Воедно, матичните лекари бараат под итно да се отвори Тријажен центар за пациентите со симптоми на Ковид, за да се намали притисокот врз нив. Ќе се бара соодветен простор во кој ќе има лабораторија и рентген каде пациентите првично ќе добијат здравствена услуга.

Коцевски рече дека поради топлото време викендов, граѓаните најверојатно ќе се рекреираат покрај езерото „Младост“, и затоа најави дека ќе се дезинфицираат летниковците и патеките на Езеро „Младост“.

Воедно упати апел до посетителите на велешко езеро „Младост“ да се придржуваат кон предвидените мерки за заштита. Информира дека во ОЈУ Детска градинка „Димче Мирчев“, Ученичкиот интернат „Лазар Лазаревски“, основните и средните училишта има седум ученици позитивни, 93 се во изолација, десет наставници се позитивни, а 20 се во изолација.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/11/2020 02:34