Советот на Град Скопје на денешната седница го прифати предлогот за прогласување на заштитениот локалитет на Кањонот Матка за споменик на природата. Предлогот беше поздравен од советниците.

Со тоа, Советот на Град Скопје му предлага на Министерството за животна средина и просторно планирање да спроведе постапка за ревалоризација и прогласување на заштитениот локалитет на подрачјето на Град Скопје „Кањон Матка“ за споменик на природата, согласно Студијата за ревалоризација на природните вредности на заштитеното подрачје споменик на природата „Кањон Матка“, изготвена 2010 година и извршената ревизија на Студија за ревалоризација на локалитетот Матка, во чии рамки е извршено зонирање на просторот од 2020 година.

Советничката Светлана Колариќ од ВМРО-ДПМНЕ на седницата апелираше инцијативата што ќе се прати во МЖСПП да не седи, како што рече, долго време по фиоки и да се чекаат мислења од страна на засегнати страни.

– Секој ден е значаен, знаеме дека со заштитата на Кањонот Матка ќе се скратат, ќе се оневозможат апетитите на многумина кои знаеме дека последниве години и на дело ја покажуваат својата совест, конкретно за дивите градби. Иницијативата е супер, да бидеме солидарни и заеднички да се потрудиме што побрзо МЖСПП да ја донесе одлуката и да биде прогласен овој Кањон за нациоанален парк, рече Колариќ.

На денешната седница на Советот на Град Скопје беше донесена и одлуката за давање согласност на Одлуката за измена на Ценовникот на услугите кои што ги извршува Јавното претпријатие „Градски паркинг“ – Скопје.

Советничката Драгана Велковска реагираше на оваа одлука посочувајќи дека покачувањето на месечните карти од 800 и илјада денари на две илјади денари за вработени кај правни субјекти кои со своето седиште гравитираат кон јавните паркиралишта под надлежност на градот, како што рече, значи абнормален и крајно непотребен товар врз работниците.

– Одлуката за покачување на месечните карти е особено неприфатлива бидејќи се носи во зима, пред почетокот на најстуденото време од годината, што значи дека огромно мнозинство од работниците ќе бидат принудени да го користат или лошо организираниот јавен градски превоз со што дополнително ќе се изложуваат на ризик од заболување или ќе бидат принудени да се групираат во возила повеќе колеги. Најголем дел од работниците поради неповолните временски услови нема да може да доаѓаат на работа со алтернативен превоз или пеш, рече Велковска.

ЈП „Градски паркинг“ – Скопје, посочи таа, е претпријатие кое во изминатите години покажало нето добивка во работењето од десетици милиони денари. Нето добивката за 2019 година, како што рече, изнесувала 22.052.366 денари. Нето добивката за 2018 година изнесувала 13.984.799 денари. Бруто добивката за 2017 година изнесувала 14.474.085 денари. Следствено, додаде, евидентно е дека по поминувањето на кризата предизвикана од пандемијата претпријатието повторно ќе работи со добивка.

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов образложи дека станува збор за сегментална корекција на цена која се однесува на месечна претплата исклучиво во катните гаражи на Градски паркинг Скопје.

– Таму во моментот секој што е нерезидент, а работи во близина или има свои причини, има право од Градски паркинг да побара и добие месечна карта за месечно паркирање во износ од илјада денари. Или тоа ќе дојде во принцип 30 денари на ден за да ја оставите колата 24/7, посочи Шилегов.

На денешната седница беа донесени повеќе одлуки, меѓу кои одлуката за проширувања на средствата во буџетот за 2020 година, одлуката за внатрешна организација на Град Скопје, одлуката за примање донација од Германското друштво за интернационална соработка – ГИЗ, програмата за повластено користење на јавниот градски превоз, од страна на лица со посебни потреби, во 2021 година… Лицата со посебни потреби кои имаат право на повластено користење на јавниот градски превоз на подрачјето на градот Скопје, согласно со условите и постапката предвидени со оваа Програма се лица со оштетен вид; лица со оштетен слух; лица со телесно оштетување; лица со умерена и тешка интелектуална попреченост; лица со комбинирани пречки во развојот и лица со аутистичен спектар на однесување; лица со лесна интелектуална попреченост до 26 години; бубрежно болни лица под третман на хемодијализа и стари и изнемоштени лица згрижени во Домот за стари лица „Мајка Тереза”.

Донесена е и одлуката за воспоставување меѓуопштинска соработка меѓу Град Скопје и Општина Кисела Вода за финансиско учество за опремување на Домот на култура Кисела Вода – Кино – Скопје со аудио-визуелна опрема. Вкупната проценета вредност за набавка на аудио-визуелната опрема изнесува два милиона денари, со пресметан ДДВ. Средствата се обезбедени од Буџетот на Град Скопје за 2020 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/12/2020 15:55