Повеќе од 40 часа се трага по исчезната 50-годишна прилепчанка. На прилепчанката Весна Николоска и се губи трагата откако околу 23 часот на 16 декември излегла од својот дом на, како што се вели, рекреативно трчање.

Загриженото семејство трага по неа, а во потрагата се вклучени од полицијата, од прилепската противпожарна единица, спасувачката служба„ „Златоврв" и голем број доброволци. Во моментов по 50-годишната прилепчанка трагаат околу 400 прилепчани.

Како што вели спелеологот и раководител на спасувачката служба „Златоврв", Дарко Неданоски се трага речиси на сите страни во околината на Прилеп но, за жал, досега, без резултати.

– Трагаме во повеќе правци во околината на Прилеп. Накај рудникот Кукол, месностите камена баба, пештерица, Поводеници, над вештачкото езеро, кај Плетвар. На сите апели се одзиваат голем број прилепчани. ги координираме сега да проверувата во подруми во згради, а да проверуваат и сопствениците на викендички во околината. Но, за жал, досега нема никакви резултати, вели тој.

Во потрагата покрај големиот број доброволци се вклучени и кучиња-трагачи и се впрегнуваат сите можни начини да се дојде до каков било податок, или сознание каде е 50-годишната Весна Николоска. Нема никакви информации дека Николоска има проблем. Потрагата продолжува.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/12/2020 15:42