Во галеријата „КО-РА“ во Домот на култура „Кочо Рацин“ од денеска е отворена ретроспективна изложба-инсталација „Фотографика алтернативна No3. Бранување“ на Љубе Алексовски, на која се претставени стотина дела од различни периоди, почнувајќи од 1980-тите години.

Виолета Калиќ по повод отворањето на изложбата рече дека изложбата има колажен и концептуален концепт и одразува разнородни релации помеѓу авторот и неговата перцепција на актуелната стварност.

– …Во повеќе сфери на нашето егзистирање како единки, нивните контроверзи, парадокси, утопиското, баналното, преку разнородни сегменти кои будат љубопитност со својата неочекувана динамика, ритмика, контроверзна трансформација, повеќекратна преобрзаба и многуслојна метафоричност која ја носат бројните колажирани елементи, симболи, сегменти од фотореалната и псевдореалната стварност која граничи со фантазмогоричното, надреалното, со симболизмот, истакна Калиќ.

Љубе Алексовски по завршувањето на Педагошката академија и Факултетот за ликовна уметност (педагошка насока) имал предагошки ангажман како професор и бил активно вклучен во културата и уметноста како визуелен уметник. Иницијатор и учесник е на бројни проекти и од сферата на екологијата и други ангажирани проекти. Организатор и учесник е на ликовни колонии и автор на голем број мурали во јавни објекти во земјава. Претседател е на Здружението „ЗУМ 92“ и „ЗУМ 2002 -Љубеизам“. Во 2019-та учествувал на групни изложби во САД и Канада.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/01/2021 20:59