Општина Битола ја привршува санацијата на кровот на детската градинка „Вангел Мајорот” во населбата „Карпош”, а променета е кровната површина и во детската градинка „Пролет”.

За реализација на овие проекти од буџетот се издвоени 2,8 милиони денари, информираа од Општина Битола.

–Во изминатиот период реконструирана и обновена е внатрешноста на детските градинки, набавени се кујнска опрема, професионални фрижидери, машини за миење на садови за што инвестирани се околу 500.000 денари, купени се нови теписи за сите објекти на ЈОУ „Естреја Овадија Мара” во износ од над 430.000 денари. По повеќе од три децении комплетно се опремени со нов мебел, гардеробери, масички, столчиња, шкафчиња, клупи и креветчиња, детските градинки „Снегулка” и „Пролет” за што вложени се над 1,5 милион денари, нагласуваат од тамошната локална самоуправа.

Како што е познато во Битола, за првпат по 30 години ќе се градат нови детски градинки во просторот на поранешната Касарна и во близина на ОУ „Св.Климент Охридски”, а со адаптацијата на просторот во два други објекти, во голема мера ќе биде намален бројот на деца кои се наоѓаат на листата на чекање за прием во градинките во овој град.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/01/2021 16:24