Гимназијата „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија и основното училиште „Климент Охридски“ од село Миравци, преку Министерството за образование и наука, добија грантови од по 30.000 денари за реализација на активности кои придонесуваат за развој на мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранција меѓу учениците.

Од училиштата соопштија дека со добиените средства средношколците од Гевгелија ќе реализираат активности со учениците на средното училиште „Арсениј Јовков“ од Скопје, каде наставата се реализира на македонски и на албански јазик, а основците од село Миравци ќе спроведуваат заеднички активности со своите врсници од училиштето „Прпарими“ од гостиварското село Чегране, каде наставата се одвива на албански јазик.

Грантовите имаат цел да ги промовираат добрите практики за активности во кои се негуваат хармонични односи, темелени на почитување на разликите, со кои се овозможува градење современи, успешни и ефективни воспитнообразовни установи.

Покрај ова, проектот ќе ги промовира индивидуализираниот пристап кон учениците, позитивната емоционална клима, како и конструктивната повеќенасочна комуникација во училишен амбиент.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/02/2021 14:11