Основниот буџет на Општина Центар за оваа година изнесува 756 милиони денари и 100 илјади денари, што, според градоначалникот Саша Богдановиќ е рекорден буџет. Новите капитални инфраструктурни инвестиции кои се планираат за 2021 година се однесуваат на улиците „Орце Николов“, „Мирослав Крлежа“, „Аминта Трети“, потоа подобрување на енергетската ефикасност и заштеда на топлинска и електрична енергија, како и модернизација на системот за јавно осветлување и воведување лед технологија.

За десетина дена започнува првата фаза на улицата „Орце Николов“. За оваа улица, како што соопшти на денешната прес-конференција градоначалникот Богдановиќ, се чекаше да се завршат сите процедури од отстранување на цела надземна инсталација.

– За 10 до 15 дена започнуваме со активности околу реконструкцијата на „Орце Николов“ што ќе чини околу 70 милиони денари, каде ќе биде воведен нов сообраќаен режим, кружен тек и пешачки патеки, нов коловоз, тротоари, со што целосно ќе го отстраниме начинот на паркирање што беше практикуван досега од Градски паркинг, ќе биде воведен резидентен начин на паркирање, т.е. нема да има можност да паркираат возила кои не се резиденти на улицата, а целиот простор кој досега бил користен за паркирање ќе биде ослободен и ќе има посебен режим. Тоа ќе ни биде тенденција за сите улици, информира Богдановиќ.

Од Буџетот на Општината ќе бидат обезбедени и 80 милиони денари за реконструкција и пренамена на улицата „Мирослав Крлежа“ во пешачка и резиденцијална зона и за комплетна реконструкција на улицата „Аминта Трети“.

Во населбата Пролет ќе започне изградба на новата детска градинка, каде што вкупната проектирана вредност на проектот изнесува 90 милиони денари, од кои 30 милиони денари ќе бидат обезбедени во 2021 година за целосно опремување и партерно уредување на градинката на површина од три илјади м2. Во програмата за образование ќе биде опфатен и проектот за доградба на училниците во ООУ „Коле Неделковски“ со површина од 500 м2 и на тој начин ќе се зголеми капацитетот за нови ученици. За оваа реконструкција која се планира да заврши во 2022 година, обезбедени се вкупно 40 милиони денари за период од две години.

Во однос на подобрување на енергетската ефикасност и заштеда на топлинска и електрична енергија ќе бидат реконструирани фасадите во градинката „13 Ноември“ – објект Јасмин и во ООУ „Кочо Рацин“ и фасади на станбени објекти во Центар.

– Планирани се осум милиони денари од Буџетот за модернизација на системот за јавно осветлување и воведување лед технологија. Оваа година за првпат ќе почнеме со организирано менување на сите светилки на територија на Општина Центар, со што ќе почнеме со промовирање на популарниот „смарт сити“, бидејќи ќе бидат воведени некои други работи кои досега никогаш не сме ги имале, рече Богдановиќ.

Во план е изградба на три нови детски игралишта во населбите Кале, Маџир маало и Капиштец, како и реконструкција на шест детски игралишта на разни локации на територијата на Центар. Во рамки на зачувување на животната средина, општината ќе обезбеди три нови комунални возила за одржување на јавната хигиена и чистота во Центар, како и одржување и заштита на локалните патишта, како и субвенции за жителите кои ќе се вклучат во процесот на рециклирање во проектот „И отпадот има вредност“.

Останати средства кои се планираат во Буџетот на Општина Центар за 2021 година се предвидени за КК Работнички, за урбанистичко планирање во Општина Центар, за рушење на бесправно изградени објекти, за финансиска поддршка за поправка и санација на постоечки кровни конструкции и лифтови, за програмски активности на здруженија и фондации и за меѓуопштинска соработка со Град Скопје, за поддршка на новоотворениот стационар Лајка.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/02/2021 12:56