Швајцарецот Марко Одермат победи на денешната трка во велеслалом што во рамки на Светскиот куп во скијање се возеше во словенечката Крањска гора.
Одермат, кој беше четврти по првото возење, до победата стигна со време од 2:12:87 минути.
„Навистина не знам како ова ми успеа, бев уморен. Среќен сум поради денешното мое скијање“, изјави Одермат.
Второто место го освои неговиот сонародник Лоик Мејлар, кој заостана 1,06 секунди, додека третото место му припадна на Австриецот Штефан Бренштајнер со 1,09 секунди зад победникот.
Во пласманот во велеслалом, на една трка до крајот на сезоната, води Одермат со 625 бодови, Французинот Алексис Пинтуро е втор со 600 бодови, додека Хрватот Филип Зубчиќ е третопласиран со 526 бодови.
Во генералниот пласман, на пет трки до крајот, води Пинтуро со 1.100 бодови, пред Одермат со 1.069 и Австриецот Марко Шварц со 718 бодови.