Британските професионални боксери Тајсон Фјури и Ентони Џошуа потпишаа договор според кој ќе одржат две борби за обединување на титулите светски првак во тешка категорија, во верзиите IBF, WBO, WBA и WBC.
Првиот меч треба да се одржи во јуни или јули, по што Џошуа и Фјури и вторпат ќе ги вкрстат ракавиците во ноември или декември.
– Најтешкиот дел е да ги убедите сите заинтересирани страни да стават потпис, бидејќи секогаш постои ривалство помеѓу промоторите, телевизиските куќи и самите боксери. Сега тоа е завршено. Се надевам дека во текот на идниот месец ќе имаме потврда за местото каде ќе се одржат борбите, изјави боксерскиот менаџер Еди Хем.
Фјури последен пат влезе во рингот пред нешто повеќе од една година кога го нокаутираше Американецот Дентај Вилдер, додека Џошуа во ноември го совлада Бугаринот Кубрат Пулев и со тоа ги одбрани титулите во IBF, WBO и WBA.