Основното јавно обвинителство Гостивар поведе постапки против три физички и едно правно лице за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 од Кривичниот законик. Автопревозник превезувал повеќе патници од дозволеното, додека пицерија и слаткарница не ги почитувале протоколите и послужувале гости надвор од работното време.

Еден од обвинетите, како што информираат од ОЈО, во својство на автопревозник, вработен како шофер на мини-автобус, не постапил според прописите со кои се определени мерки за спречување и сузбивање на заразна болест, па дозволил превоз на поголем број патници од дозволениот.

Вториот обвинет, сопственик на угостителски објект – пицерија, не го почитувал ограничувањето на работното време и послужувал гости спротивно на прописите за спречување на ширењето на коронавирусот.

-За овие двајца обвинети, надлежниот јавен обвинител на Судот му достави предлози за издавање казнени налози со кои предложи парични казни од по 100 дневни глоби, се вели во соопштението од ОЈО.

За третиот обвинет – управител и за правното лице – слаткарница од Гостивар, поднесен е Обвинителен предлог, бидејќи не ги почитувале здравствените прописи и послужувале гости надвор од дозволеното работно време.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/03/2021 17:20