По пауза од десет години, македонскиот автомобилист Рико Вуков повторно седна во картинг. Зад воланот на моделот кој има мотор од 125 сантиметри кубни и мануелен менувач, тој во Крагуевац, Србија, го одржа првиот од неколку планирани тренинзи во пресрет на новата сезона.

– Во врвниот спорт нема ништо случајно, не победува само најбрзиот, туку и физички најдобро подготвениот возач, или пак оној со најдобра стратегија. Ако погледнете во светот на мотоциклизмот, сите врвни имиња преку зимата се во седиште на мотоцикли за мотокрос. За жал, во автомобилизмот не можеме да тренираме секој ден и секаде, па овој тренинг е само еден од повеќето што треба да даде резултат на долг рок. Оваа картинг конструкција има забрзување од 0 до 100 километри на час за помалку од три секунди, што е рамно на перформансите од болидите во Формула 1. Гравитациските сили го оптоваруваат телото многу повеќе од она што некогаш можебе да го постигнеме при вежбањето со тегови, изјави Вуков.

Пред само две седмици, Вуков на 17 март во Мизано крај Римини имаше прв тест со возилото Порше 991 ГТ3 со кое настапува во Карера Куп Италија. Резултатите од него беа оптимистички бидејќи лесно беа достигнати претходно постигнатите времиња по круг, видени во текот на ланската сезона.

– Секој се обидува да направи повеќе во текот на зимскиот период, со цел да ја унапреди комплетната психофизичка кондиција. На тоа може да се гледа и на следниот начин: колку повеќе тренирате, толку повеќе демонстрирате почит кон серијата во која што се тркате. Едноставно не е можно да се дојде и да се победи, бидејќи тоа значи или дека нивото на таа тркачка серија е многу ниско, или дека нема силна возачка конкуренција. За мене е добро што во оваа сезона на Порше Карера Куп ќе возиме со истите возила, и во најголем дел против посилна конкуренција бидејќи освен возачите кои беа таму минатата година, сега се очекува зголемување на бројот на учесници, бидејќи минатата сезона поради пандемијата имаше некои кои се откажа, додаде Вуков.

Веќе идниот викенд, македонскиот автомобилист се враќа зад воланот на Порше 991 ГТ3, бидејќи на 10 и 11 април заедно со неговиот тим „GDL Racing“ ќе тестираат на патеката Муџело. Новата сезона од Порше Карера Куп Италија е предвидена да започне со трките на 5 и 6 јуни.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/04/2021 09:56