Возачите на „ПСС рејсинг“ уште претходно најавија дека годинава ќе настапуваат со две возила, при што помладиот од браќата Џиролами, Франко, оваа година ќе настапува во вториот автомобил Хонда Сивик Тип Р.
– Благодарен сум за оваа шанса и за овие тестирања пред новата сезона. Ова мораше да се направи бидејќи оваа година се менуваат пневматиците, па сите возила ќе настапуваат со новите гуми кои се потврди и ќе бидат подобри за трка, но во квалификациите сите ќе бидеме побавни. Сепак, чувството со нив е добро и очекувам напредок во текот на сезоната,- рече Франко Џиролами.
Во гаражата покрај двајцата возачи беше и инженерот Самјуел Канка, кој што работи во светската ТЦР серија на возилото на Нестор Џиролами, а овој пат им асистираше на двајцата пилоти од „ПСС Рејсинг“ во подготовките за новата сезона. Екипата одработи три теста, и тоа два дена на Спа Франкоршамп на 27 и 28 март, потоа два дена на Нирбургринг на 31 март и 1 април, како и еден ден на Зандворт на 2 април.
– Вкупно направивме 2.000 километри на патеката, што е километража што во трка ја правиме за цела сезона! На првиот тест во Спа имаше различни временски услови, видовме и малку снег, и малку дожд, и малку пролет. Реално, таа патека најмалку му одговара на нашето возило, кое нема доволно перформанси на долгите правци. Нирбургринг е техничка патека, тука секој свиок е посебна приказна, бара поинаков притисок на сопирачките, или некаде возење преку тротоарот, а некаде држење до асфалтот. Во Зандворт иако имавме еден ден на располагање, сепак се обидовме да направиме симулација и на трка и на квалификации. Нема да биде исто како кога ќе дојдеме летоска, но сигурен сум дека ќе бидеме подобро подготвени од претходно. Времињата не беа во прв план бидејќи никој не знае со каков сет-ап работи конкуренцијата, ниту пак со каква тежина, затоа што официјално не е објавен „БоП“ (Ballance of Performance) за 2021 година. Возилото беше постојано функционално, Франко возеше одлично и јас вложував огромни напори да бидам блиску до еден тркачки професионалец како него, поради што верувам дека сета оваа тимска работа ќе даде резултати во текот на сезоната,- изјави Виктор Давидовски.
Календарот за новата сезона стартува со гран при викендот во Словачка на 8 и 9 мај, по што следуваат трките во Франција (29/30 мај) и Холандија (19/20 јуни). Во средина од сезоната е трката во Белгија (30/31 јули), а по летната пауза следуваат Германија (4/5 септември), Италија (25/26 септември) и Шпанија (9/10 октомври).