Основното јавно обвинителство Струмица донело наредба за спроведување истражна постапка за едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело „полов напад врз дете кое не наполнило 14 години“ од член 188 од Кривичниот законик.

Како што денеска соопштија од Јавно обвинителство на Република Македонија, постои сомнение дека осомничениот 26-годишник од Радовиш извршил обљуба врз малолетничка.

– Јавен обвинител веќе извршил разговор со осомничениот, кој не го негира сторувањето на делото. Во насока на обезбедување докази, надлежниот обвинител издаде и наредби за вештачења на траги, разговори со сведоци, како и за психијатриски вештачења на осомничениот и на оштетената, се наведува во соопштението.

До судијата на претходна постапка од Основниот суд во Струмица јавниот обвинител поднел предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, привремено одземање на патната исправа, обврска да се јавува повремено во Судот, како и забрана за приближување и остварување контакти со жртвата.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/04/2021 23:40