Палењето на трските на Струшкото крајбрежје и годинава станува алармантно. Состојбата се повторува секоја пролет, а на опожарените места подоцна никнуваат плажи, угостителски објекти, хотелски комплекси или обработливо земјоделско земјиште.

Експертите по животна средина и екологистите предупредуваат дека со тоа се загрозува богатата флора и фауна со која располага крајбрежната зона на Охридското Езеро. Секоја година, според нив од крајот на февруари до мај, па и јуни, појасот со трски во езерото и на крајбрежјето се соочува со сечење, палење…

Само вчера на езерскиот брег на потегот од Струга кон селото Калишта изгореа околу 450 метри во должина и 50 метри во ширина трска. Ова е трет случај на палење во струшко од почетокот на годината, а претходниот беше пред само десетина дена.

Инспектори на државниот инспекторат за животна средина и претставници на Одделението за внатрешни работи од Струга денеска беа на терен, направен е увид и, како што изјави за МИА директорката на Инспекторатот за животна средина Ана Петровска, предизвикана е голема штета на крајбрежниот појас.

– Опожарена е трска од околу 450 метри должина и 50 метри ширина на потегот од плажите „Версус“ и „Аквариус“ во Струга, во насока кон Калишта, на делот меѓу патеката и кон брегот. Потенцијално место што може да се претвори во плажа, појасни Петровска.

Претходните два случаи, според директорката, завршиле со кривични пријави, првиот за непознат сторител бидејќи било на државно земјиште, а во вториот случај на запалена трска кривична пријава добил сопственикот на земјиштето. За вчерашното палење, допрва ќе се истражува сопственоста на земјиштето и врз основа на тоа ќе биде доставена соодветна кривична пријава.

– Договоривме постојани полициски патроли да бидат на терен и сите сопственици на земјиште да се предупредат, доколку во близина на нивната катастарска парцела се случи пожар тие ќе бидат обвинети. Очекувам конечно да се почне со санкционирање на сторителите, изјави Петровска

Трската, како што појасни доктор Марина Талевска, експерт од Хидробиолошкиот институт во Охрид е живеалиште и храна за разни видови животински организми од крајбрежјето на Охридското Езеро, како што се многуте безрбетници, рибите, особено краповидните риби и некои водни птици, кои живеат токму тука. Таа претставува место каде што се мрестат огромен број риби, меѓу кои крапот и плашицата и место каде се гнездат водните птици: пајки, чапји и лебедот.

– Секоја година во овој период, на почетокот на вегетацијата се повторува истото. Масовно се палат трските долж крајбрежјето од крајот на февруари до мај. Пред две години Хидробиолошкиот институт направи презентација во која беа изложени факти пред Владата и Собранието, со цел преземање мерки и заштита од уништување на крајбрежниот појас со трски, рече Талевска.

Со уништувањето на трските, на било каков начин преку сечење, палење, корнење, затрупување со градежен шут и земја, се уништуваат и природните живеалишта во крајбрежната зона. Трските се повеќе годишни растенија и доколку се исечени или запалени коренот останува и оттаму може повторно да истераат следната година, но ако се искорнати, тие се комплетно уништени. На местото каде што е изгорена трската птиците не доаѓаат да се гнездат, ниту пак рибите да се мрестат.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/04/2021 23:49